Немирите го засилија притисокот врз Макрон да се повлече

миграција на Франција

Масовните протести и насилствата во Франција ја продлабочија политичката криза на претседателот Емануел Макрон, кому му остануваат уште шест месеци од мандатот. Поранешни сојузници отворено бараат негово предвремено повлекување, додека Владата се соочува со растечко незадоволство, ограничени финансиски можности и сериозни проблеми во одржувањето на јавниот ред, оценува Ројтерс.

Немирите што избувнаа во саботата, со ограбени продавници, запалени објекти и оштетени јавни институции, дополнително ја ослабнаа политичката позиција на Макрон. Францускиот претседател се соочува со притисок и од политичките противници и од поранешните соработници, кои го обвинуваат за продлабочувањето на институционалната блокада.

„Крајот на овој мандат е бавна агонија“, напиша на социјалната мрежа Икс Лоик Кервран, поранешен пратеник од политичкиот табор на Макрон.

Според Кервран, одлуката на Макрон во 2024 година да го распушти парламентот и да распише предвремени избори ја парализирала земјата и претставува една од најлошите политички одлуки во историјата на Петтата република.

Макрон дојде на власт пред речиси една деценија со ветувања за економски реформи, промена на политичкиот систем и зајакнување на државните институции. Меѓутоа, според анализата на Ројтерс, во завршницата на неговиот мандат Франција се соочува со политичка нестабилност, висок јавен долг и сè поограничен простор за исполнување на социјалните барања.

Незадоволството започна со ученички протести поради недостигот од наставници и лошите услови во училиштата, а потоа прерасна во пошироко движење против високите животни трошоци и влошувањето на јавните услуги.

На протестите во саботата, 17 октомври, според француското Министерство за внатрешни работи, учествувале околу 550.000 граѓани, додека организаторите тврдат дека бројот достигнал 800.000.

Иако најголемиот дел од демонстрациите поминале мирно, во повеќе градови избувнаа судири со полицијата, грабежи и подметнувања пожари.

Во обид да ја стабилизира ситуацијата, Макрон ја одби понудената оставка на министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез и побара преиспитување на пропустите во безбедносните проценки и полициските подготовки.

Премиерот Себастијан Лекорну најави ограничен полициски час во одредени области, додека безбедносните служби продолжуваат со мерките за спречување нови насилства.

Критиките кон Макрон дополнително се засилија по неговото телевизиско обраќање, во кое ги осуди немирите, но не претстави конкретни мерки што би ги задоволиле барањата на демонстрантите.

Поранешниот премиер Едуар Филип, кој се подготвува за претседателските избори во 2027 година, оцени дека јавноста очекувала конкретни одлуки, а не само обраќање.

„На нашата земја ѝ е потребно цврсто водство“, порача Филип.

Политичката криза се одвива во време кога Франција се обидува да го намали буџетскиот дефицит и да ја стабилизира јавната потрошувачка.

Според предлог-буџетот за 2027 година, Владата предвидува мерки за фискална консолидација во вредност од 54 милијарди евра. Целта е дефицитот, кој годинава се очекува да достигне 5,4 проценти од бруто-домашниот производ, да се намали на пет проценти следната година.

Овие планови дополнително го усложнуваат одговорот на Владата на протестите. Граѓаните бараат поголеми вложувања во образованието, здравството и јавните услуги, додека финансиските ограничувања ја намалуваат можноста за нови буџетски расходи.

За време на протестите на „Жолтите елеци“ во 2018 и 2019 година, Макрон успеа делумно да го намали незадоволството со финансиски отстапки вредни милијарди евра. Сега, според Ројтерс, располага со значително помал политички и финансиски простор за слични мерки.

Од актуелната нестабилност политички се обидува да профитира и крајната десница, предводена од Марин Ле Пен, која ги критикува властите поради нарушената безбедност и намалениот животен стандард.

Во видеообраќање во неделата, Ле Пен ја претстави актуелната власт како неспособна да го одржи редот, истакнувајќи дека е потребна промена во раководењето со државата.

Во меѓувреме, дел од поранешните сојузници на Макрон почнаа јавно да ја отвораат можноста тој да се повлече пред истекот на мандатот.

Поранешниот пратеник Жан-Батист Моро изјави дека во разговор со претседателот побарал да размисли за организирано предвремено заминување од функцијата, со цел да се надмине политичката блокада.

Според Моро, Макрон не покажува подготвеност да се откаже од функцијата, но тој смета дека предвременото повлекување би било во интерес на земјата.

И покрај критиките и повиците да остане во Франција за време на кризата, Макрон во понеделникот отпатува во Кувајт, како дел од турнејата низ земјите од Персискиот Залив, чија цел, според Елисејската палата, е обезбедување енергетски испораки и ублажување на економските притисоци.

Немирите веќе предизвикаа загриженост и кај инвеститорите, особено поради високиот француски јавен долг и неизвесноста околу усвојувањето на новиот буџет.

Франција така влегува во последните месеци од претседателскиот мандат со истовремена социјална, финансиска и политичка криза, додека повиците за предвремено повлекување на Макрон стануваат сè погласни и во дел од неговиот поранешен политички табор.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?