Скандал во „Пулс“: Инспектори од УЈП под лупа на Обвинителството

Прашањата за можна предистрага против инспектори од Управата за јавни приходи повторно се отворија во јавноста, откако ИРЛ објави нови снимки и документи поврзани со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Според објавеното, газдата на клубот, Дејан Јованов – Деко, наводно бил однапред предупредуван за контроли во замена за подароци и резервации. Дел од инспекторите, како што стои во сторијата, примале и скапи подароци – меѓу кои и часовник.

ИРЛ објави и дека еден од потенцијално осомничените е во роднинска врска со актуелната в.д. претседателка на Кривичниот суд во Скопје, што отвора сомнежи за институционална спрега.

Од Обвинителството за РСМ велат дека сите материјали објавени од ИРЛ се земени предвид и дека се вршат проверки:
„Законските надлежности на УЈП се однесуваат на даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па затоа не беа опфатени во обвинението. Но комуникациите се дел од анализираните телефонски разговори кои се доставени во Судот како доказ“, се наведува во одговорот.

Индикациите за нови инволвирани лица, како и сомнежите за блискост меѓу инспектори и сопственикот на дискотеката, веќе предизвикуваат политички обвинувања и контра-напади.

Во меѓувреме, семејствата на загинатите деца предупредија дека доколку до крајот на неделата не добијат одговори од правосудните органи, нивните маршеви ќе преминат во масовни протести и блокади на институциите.

Зачлени се на нашиот е-билтен