Сибиха: Нема безбедно место во Русија, нашето оружје може да ги погоди сите воени цели

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибихa изјави дека „во Русија повеќе не постои безбедно место“, откако потврди дека украинското оружје и сили се способни да изведат удари врз сите воени цели на руска територија. Неговата изјава ја пренесе украинскиот портал Ukrainska Pravda.

Сибихa го повика рускиот режим да сфати дека Украина ќе го користи своето право на самоодбрана во согласност со член 51 од Повелбата на ОН и дека ја докажа моќта на украинското оружје.

Изјавата доаѓа во контекст на јавни тврдења од американскиот специјален пратеник за Украина, генерал Кит Келог, дека претседателот Доналд Трамп ја одобрил можноста Украина да изведува далекопојасни удари врз руска територија. Келог за медиумите рече дека, читајќи ги ставовите на американските претставници, пораката е јасна: „Искористете ја способноста за длабоки удари“ и дека „нема безбедни засолништа“.

Ваквите изјави дополнително ја зголемуваат напнатоста во регионот и отвораат прашања за следните чекори на меѓународните партнери околу поддршката и ограничувањата за употреба на далекопојасни средства.

Зачлени се на нашиот е-билтен