Скандал го потресе бугарското Министерство за транспорт непосредно пред големиот концерт на Роби Вилијамс во Софија. Двајца долгогодишни инспектори од извршната агенција „Автомобилска управа“ беа уапсени откако биле фатени како изнудуваат мито од возачи на камиони кои ја пренесувале сценската и техничката опрема за настапот.
Инцидентот се случил на 25 септември, кога инспекторите побарале и добиле вкупно 500 евра од четворица возачи на британски камиони. Двајца од нив платиле по 100 евра, а трет возач бил принуден да им предаде 300 евра.
Случајот веднаш бил пријавен од организаторите на концертот, а во акцијата се вклучила и британската амбасада во Софија. По брза истрага, двајцата инспектори биле приведени и обвинети за примање мито.
Министерот за транспорт Гроздан Караџов потврди дека веднаш била покрената дисциплинска постапка и дека службениците се отпуштени.
„Ова се практики наследени од минатото, навики кои немаат место во нашата нова политика. Дејствувавме брзо и решително – случајот беше пријавен во четвртокот, а до петокот веќе беа приведени“, изјави тој.
И покрај инцидентот, концертот на стадионот „Васил Левски“ се одржа според планот, а Вилијамс настапи пред повеќе од 40.000 фанови.