Најмалку 33 лица во Русија починале откако конзумирале илегална вотка која се продавала за околу еден долар по шише и била мешана со смртоносен метанол, потврдија руските власти.
Министерството за внатрешни работи на Русија на 26 септември извести за седум смртни случаи во северозападната Ленинградска област, но бројот на жртви продолжил да расте. Според извештаите, бројката се искачила на 25, а денес достигнала 33 починати.
Во врска со случајот првично биле уапсени воспитувачката во градинка Олга Степанова (60) и Николај Бојцов (78). Степанова е обвинета за купување на алкохол без дозвола и негово повеќекратно продавање на Бојцов, што довело до повеќекратни смртни случаи. Вкупно се уапсени 11 осомниченици поради сомневање за производство и дистрибуција на вотка со 45% алкохол.
При претрес на станот на Бојцов, полицијата пронашла празни стаклени шишиња и пластични садови до 10 литри, со карактеристичен мирис на алкохол. Обдукцијата на телата на починатите покажала високи нивоа на метанол во организмот.
Метанолот е безбојна течност која, ако се проголта, може да предизвика сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи повраќање, силни болки во стомакот, крвавење во гастроинтестиналниот тракт, кома, напади, халуцинации и откажување на бубрезите. За дете само две лажички метанол можат да бидат смртоносни, додека за возрасен човек смртна доза е околу 60 до 240 милилитри.
Масовните труења со фалсификуван алкохол не се реткост во Русија – во 2023 година, 50 лица починале по конзумирање на фалсификувана јаболкова ракија.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, изјави дека властите спроведуваат голема операција за пронаоѓање одговорните и дека ова е трагедија која бара систематско и посветено справување со илегалниот алкохол.