Цигарите поскапеа за 10 денари – пушачите велат нема да се откажат

Од 29 септември, малопродажната цена на цигарите е зголемена за 10 денари. Тоа значи дека лице кое пуши едно пакување дневно ќе плаќа околу 300 денари повеќе месечно.

Дел од пушачите велат дека ова поскапување нема да влијае врз нивните навики. „10 денари не се проблем, цигари ќе купуваме и понатаму“, велат граѓани, а некои додаваат дека цигарите треба да станат уште поскапи за да се намали бројот на пушачи.

„Моите деца пушат – тоа е луксуз, како во западните земји. Јас сум за тоа да се поскапат двојно“, изјави еден анкетиран граѓанин. Друг, пак, призна дека пуши од 16 години и покрај тоа што е опериран на срце, не размислува за откажување.

Сепак, има и спротивни примери. „Од 2008 имав рак на носот и преживеав. Од тогаш не пушам“, рече соговорник во анкетата.

Продавачите објаснуваат дека поскапувањето не ги намалило продажбите и потсетуваат дека тоа е дел од процесот на усогласување со европските правила, каде цените постепено се зголемуваат за да се приближат на оние во ЕУ.

Од Министерството за финансии засега немаат официјален одговор дали ова зголемување е резултат на повисоки акцизи.

Зачлени се на нашиот е-билтен