Во Македонскиот културен центар денеска прес-конференција одржа Клаудио Губитози, претседателот на „Џифони Италија“, човекот кој веќе 56 години стои зад најголемиот фестивал за млади во светот. Неговата визија, како што истакна, од едно мало гратче со 8.000 жители создаде глобален културен феномен кој денес инспирира милиони млади.
„Кога почнував, знаев дека Џифони ќе прерасне во нешто големо. Тоа беше мојата вера и мојата борба, и успеавме“, рече Губитози, кој со голема емоција зборуваше за сите животи на кои фестивалот им го трасирал патот во позитивна насока.
Посебно место во неговото обраќање имаше Македонија и младите „џифонци“ од земјава. „Тие се едни од најдобрите – комуникативни, отворени, жедни за знаење. Секој пат кога доаѓам во Македонија, повторно се фасцинирам. Бев тука најмалку десет пати и секогаш си заминувам со полна душа“, изјави тој.
Иако на 31 декември 2025 година се повлекува од функцијата претседател на „Џифони Италија“, Губитози најави дека поддршката за Македонија ќе продолжи и во новата стратегија на фестивалот, која ги опфаќа плановите за периодот 2026–2030 година.
„Филмот нè поврзува, но сè друго што се случува на Џифони е чиста магија“, нагласи тој, испраќајќи порака дека пријателството со Македонија и младите ќе остане трајно вплетено во иднината на фестивалот.