Затворањето на американската влада го турка доларот кон најголем годишен пад по 2003 година

Американскиот долар ослабе во средата откако Конгресот не успеа да постигне договор за финансирање и да спречи затворање на федералната влада, јави CNBC. Инвеститорите се загрижени за можните економски последици од политичката блокада.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на валутата во однос на шест главни валути, меѓу кои и еврото и јапонскиот јен, падна за 0,2% на 97,61 поени. Со ова, американската валута е на пат да ја заврши 2025 година со пад од околу 10% – најголема годишна загуба по 2003 година, кога доларот ослабе за 14,6%.

Затворањето е резултат на неуспехот на Сенатот да донесе закон за краткорочно финансирање. Демократите, предводени од Чак Шумер и Хаким Џефрис, се залагаат за продолжување на даночните олеснувања за „Обамакер“, додека претседателот Доналд Трамп се закани со кратење на бенефициите за „многу луѓе“ доколку не се постигне договор.

„Историски гледано, затворањето на владата најчесто се поврзува со пад на доларот, особено во однос на валутите што се сметаат за безбедно засолниште – како јенот, швајцарскиот франк и еврото,“ изјави Даниел Тобон, аналитичар за девизи во „Ситигруп“. Тој додаде дека дополнителната политичка несигурност во САД може да врши уште поголем притисок врз валутата, иако брзо решавање на кризата би можело да го ограничи падот.

Зачлени се на нашиот е-билтен