„Преговори во конфликти на идентитети“ на Љубомир Д. Фрчкоски е објавена на англиски јазик

Издавачката куќа Три, на англиски јазик, ја објави “Negotiation in identity conflicts” (Преговори во конфликти на идентитети) во авторство на професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски.

„Преговарање во конфликти на идентитети“ е концизно и кохерентно истражување на околностите и феноменологијата на медијацијата и преговарањето во некои од најтешките спорови – конфликти базирани на идентитети. Станува збор за конфликти во кои различни културни матрици, историски трауми и рационалности се судираат на динамичен начин, при што улогата на медијаторите, познавањето на меѓународните стандарди за медијација и чувствителноста кон локалните ритуали на исцелување се пресекуваат во креативна комбинација што може да помогне во надминување на непријателствата и конфронтацијата.

Со оваа книга Фрчкоски дава значаен придонес преку внесување на знаење и практични вештини во овој клучен превентивен процес – дипломатија за градење мир, превенција на конфликти и одвраќање од злосторства против човештвото.

Љубомир Данаилов Фрчкоски (р. 1957) е еден од најистакнатите македонски интелектуалци, професор по меѓународно право и човекови права, и позната јавна личност низ целиот период на независноста на Македонија.

Тој беше главен автор на современиот Устав на Република Македонија (1991) и беше министер за внатрешни работи и подоцна министер за надворешни работи (1991–1997). Има извршувано и дипломатска функција во Обединетите нации во Њујорк и постојано е ангажиран во политичка и правна теорија, либерално-демократски дискурс, дипломатско преговарање и унапредување на човековите права.

Фрчкоски е автор на бројни книги, учебници и научни статии за човекови права, преговарање во конфликти базирани на идентитет и демократска теорија. Има држено предавања во регионот и на меѓународно ниво на овие теми.

Оваа книга претставува негов најнов придонес во полето на преговарањето и политичката теорија.

Знаењето акумулирано тука е инспирација за изработка на Насоки на ОН за политики за ПРОМОВИРАЊЕ ДИЈАЛОГ И МЕДИЈАЦИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ГЕНОЦИД, ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА И ЗЛОСТОРСТВА ПРОТИВ ЧОВЕШТВОТО (Прирачник со препораки како да се конструира и обучува медијатори за дијалог во преговарачки процес), поддржан од Алис Ваириму Ндериту, помошник-генерален секретар и специјален советник за спречување на геноцид при UNOSPGA во Њујорк, во 2023 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен