„Прасловен“ е приказна за една епоха, една рокенрол сцена која беше трета во светот по својот квалитет

Лауреатот на Киненова, кинематограферот Владимир Самоиловски денеска на ФДУ во 11 часот одржа мастерклас. Тој е добитник на Специјалната награда за особен придонес во филмската уметност  на 10.МФФ Киненова и член на жирито на јубилејното издание на фестивалот.

Филмот„Прасловен“ е во официјалната селекција на годинешното јубилејно 10.издание на МФФ Киненова. Синоќа во рамките на фестивалската програма беше прикажан во Велес, каде авторот по проекцијата разговараше со публиката, а вечерва има проекција во Киноверзум во Кисела Вода.

-Филмот „Прасловен“ не е само фалење на еден исклучителен уметник, бидејќи ја прикажуваме и неговата „темна“ страна, или подобро, неговата „човечка“ страна. Сите ние во животот правиме грешки, и се разликуваме колку учиме од нив и се стремиме кон подобро, раскажува авторот.

Слободан Максимовиќ е сценарист и режисер на филмот. Дипломирал филмска режија на Академијата во Љубљана. Режираше повеќе од 35 филмови и серии од различни формати и жанрови, а за многу од нив го напиша и сценариото. Неговите филмови беа прикажани на многу меѓународни филмски фестивали и освоија 46 награди. Негови најзначајни дела се играните филмови „Благодарам за Сандерленд“ (2012), „Ника“ (2016) и „Капа“ (2022), документарецот „Технологијата на луѓето“ (2014), минисеријата „Случаите на инспекторот Вренкo“ (2021-2024) која е најгледаната криминалистичка серија на националната телевизија во Словенија, и краткиот филм „Невидливата рака на Адам Смит“ (2017), кој беше во конкуренција на „Киненова“. Оваа година се враќа на фестивалот во Скопје со документарниот филм „Прасловен“ за словенечкиот enfant terrible, Зоран Предин, со кој во последнава година го освоија регионот, вклучувајќи и неколку фестивалски награди. 

– Ова не е само филм за Зоран Предин , туку и приказна за една епоха, една рокенрол сцена која беше трета во светот по својот квалитет, и која со своето творештво и критика се трудеше општеството да го направи подобро, вели Максимовиќ.

Пред проекцијата на филмот, вечерва, ќе бидат доделени традиционалните награди на Киненова: Гран при за најдобар филм, најдобро сценарио, најдобра режија и најдобар краток филм.

Зачлени се на нашиот е-билтен