Вработувањето во САД на најниско ниво од 2009 година

Американскиот пазар на труд се соочува со најслабите резултати во последната деценија и пол. Според два одделни извештаи објавени денес, бројот на нови вработувања во 2025 година падна на ниво невидено од времето на големата финансиска криза во 2009 година.

Федералните резерви на Чикаго објавија дека стапката на невработеност во септември изнесува 4,34% – речиси непроменета во однос на август, но опасно блиску до највисоката стапка од 2021 година. Истовремено, стапката на вработување се намали за 0,4 процентни поени, на 45,2%.

Сериозен сигнал за забавување доаѓа и од податоците за нови работни места. Досега во 2025 година се отворени само 204.939 работни позиции – 58% помалку во споредба со истиот период лани, што претставува најниско ниво од 2009 година.

Иако компанијата „Челенџер, Греј и Кристмас“ бележи намалување од 37% во најавените отпуштања во септември, вкупната бројка за оваа година е загрижувачка: 946.426 отпуштања во првите три квартали, што е веќе за 24% повеќе од целиот 2024 година.

„Историски, вакви обеми на отпуштања сме гледале само во рецесии или во периоди на драматична автоматизација, кога технологијата ги замени работните места“, изјави Енди Челинџер, виш потпретседател на компанијата.

Проблемот дополнително се продлабочува поради затворањето на федералната влада, кое трае веќе втор ден. Поради тоа, редовните владини извештаи за невработеноста и платите се одложени, а економистите и Федералните резерви се принудени да се потпираат на приватни извори за да ја проценат состојбата.

Експертите предупредуваат дека ако ваквиот тренд продолжи, САД би можеле да се соочат со сериозни предизвици на пазарот на трудот, што би имало директни последици врз економскиот раст.

Зачлени се на нашиот е-билтен