Хрватска воведува ред во училиштата, а кај нас училиштата се претворија во модни писти и места за престиж, меѓутоа не во знаење

Во Хрватска едно основно училиште одлучи да стави крај на хаосот во училниците – со нов правилник ги забранија мобилните телефони, паметните часовници, слатките газирани пијалаци, па дури и вештачките нокти и нападната шминка. Целта е јасна: вниманието на децата да се врати на наставата, а училиштето повторно да стане место за учење, а не за натпревар во престиж.

И сега, да погледнеме кај нас. Наместо дисциплина, во нашите училишта веќе со години гледаме сосема поинаква слика. Ранците исчезнаа, скоро и да не носат, на училиште се оди со една тетратка или мини ташничка за вечерно излегување, мобилните телефони се статусни симболи, паметните часовници се натпревар во кој има поскап модел, а училишните дворови често се полни со чад од цигари и шишенца со енергетски пијалаци. Училиштето, кое треба да создава вредности, се претвори во модна писта и место за лажен престиж.

Наместо наставата да биде во центарот, вниманието оди на тоа кој има нови патики, чиј мобилен е најскап, која ученичка има вештачки нокти или нападна шминка. А подлабоко, зад таа лажна слика, се кријат уште поголеми проблеми: алкохол, дрога, насилство.

Хрватска покажува дека има институции кои не се плашат да преземат одговорност и да воведат ред. Кај нас, пак, прашањето е едноставно – дали некогаш ќе се најде храброст да се направи сличен чекор? Или ќе продолжиме да се лажеме дека сè е во ред, додека генерации деца растат со погрешни вредности и без никакви правила?

Зачлени се на нашиот е-билтен