Кандидат брутално претепан за да се откаже од советничка листа

Во Виница се случи најцрниот предизборен инцидент досега – претепан е кандидатот за советник на Демократски сили на Ромите (ДСР), Умут Скопко, кој е на 4 место на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ. Нападот се случи сред бел ден, пред ресторан, пред сведоци. Осуммина од обезбедувањето на владејачката партија, како што тврдат роднините, го тепале Умут и неговиот брат со цел да се откаже од кандидатура за советник. Умут од вчера лежи во кома во болница во Скопје, лекарите се борат за неговиот живот.

Ова не е прв напад врз него, само две недели претходно бил нападнат од истите луѓе, но тогаш случајот завршил само со пријава во партијата, во очекување дека ќе биде заштитен. Но, наместо заштита, следуваше крвопролевање.

Министерството за внатрешни работи излезе со стерилно соопштение – според нив, станувало збор за „физичка пресметка по претходна расправија“ меѓу двајца лица. Од МВР за ЦИВИЛ соопштија дека на 02.10.2025 во 18:20 часот во Виница, полициски службеници од ОВР Виница го лишија од слобода Д.М.(37) од Виница.

„Имено, по преземени мерки, утврдено е дека околу 11:25 часот пред угостителски објект во Виница, по претходна расправија, настанала физичка пресметка помеѓу Д.М. и И.С.(40) од Виница. Притоа, И.С. се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната помош во болницата во Кочани бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за понатамошно лекување. Увид на местото изврши екипа од СВР Штип – ОВР Виница, Д.М. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од МВР.

Истовремено, додека жртвата се бори за живот, полицијата навлезе во ромското маало со долги цевки и автоматско оружје, како во окупација, со што, според братучедот на жртвата, Пусат Јусеинов, јасно се испраќа порака: институциите не штитат, тие заплашуваат.

„Наместо полицијата да ги фати насилниците, тие со автомати дојдоа кај нас, мислејќи дека ќе нè заплашат“, вели братучедот на жртвата, Пусат Јусеинов, за ЦИВИЛ.

Шокантно е молчењето на врвот на власта. На синоќешниот митинг во Виница, на кој присуствуваше и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, немаше ниту збор, ниту најмала осуда за бруталниот напад на нивниот кандидат за советник. Молчеше и Мицкоски, молчеше и партијата.

Извор: ЦивилМедиа

Дехран Муратов

Зачлени се на нашиот е-билтен