Скопјани ќе мора да внимаваат – водата поскапе за 10%, време е да ја штедиме секоја капка

Од овој месец скопјани ќе плаќаат повисоки сметки за вода – цената на кубен метар е зголемена за 10% и сега изнесува 35,02 денари, потврдија од ЈП „Водовод и канализација“ и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Зголемувањето важи за сите сегменти – водата за пиење, прочистувањето на отпадните води и собирањето и одведувањето на урбаните отпадни води.

Од „Водовод“ велат дека новата цена е донесена со одлука на Регулаторната комисија, бидејќи Советот на Град Скопје, кој е надлежен да ја утврди, не постапил во законскиот рок.

„Регулаторната комисија има обврска да предложи најниска и највисока цена за водата, а советите на општините да одлучат за крајната. Бидејќи Советот на Град Скопје не донесе одлука, Комисијата мораше да ја утврди цената,“ велат од Регулаторната.

Во моментов се подготвува ново решение кое би значело дека Комисијата целосно ќе го презема утврдувањето на цените на водата за сите општини. На тој начин, ќе се избегне политичкото одложување на одлуките, кое често резултира со минимални цени што не дозволуваат никакви инвестиции, иако загубите на вода во државата достигнуваат дури 63%.

Новата цена, според надлежните, треба да овозможи повеќе инвестиции и стабилно снабдување со вода, но за граѓаните тоа значи едно – време е внимателно да се користи секоја капка.

Зачлени се на нашиот е-билтен