Со првите сончеви зраци над главниот град, утрово официјално започна 21. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, на кој годинава учествуваат рекордни над 14.000 тркачи од 58 земји. Атмосферата на улиците е празнична – боите на стартните броеви, насмевките и аплаузите на гледачите го претворија Скопје во вистински град на тркачи.

Трките започнаа пред Собранието, а целта за сите категории е на Плоштад Македонија. Денес трчаат маратонци, полумаратонци, штафетни тимови и учесниците на популарната Комерцијална банка 5K трка.

И времето, како по нарачка – сончево и стабилно, со идеални услови за трчање, како и вчера. Организаторите очекуваат уште едно прекрасно издание на најголемиот спортски настан во земјата и упатуваат апел до граѓаните за трпение поради привремениот сообраќаен режим што ќе трае до 14 часот.
Скопје денес трча со срце – за спорт, енергија и заедништво.
