Потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска на Состанокот на Западен Балкан на групата на Социјалисти и Демократи во ЕП порача дека европското проширување ќе остане блокирано „додека реформскиот напредок не се наградува конзистентно“ и додека се дозволува „хаос и тактизирање“ во процесот. Таа се заблагодари за континуираното одржување на темата за проширување „во духот на програмата на Вили Брандт и социјалдемократските темели“, притоа извинувајќи се за отсуството на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, „целосно ангажиран во тековните локални избори“.
„Т.н. прогресивна методологија за проширување, иако со добри намери, ја претвори интеграцијата на Северна Македонија во сеопфатен ќор-сокак,“ рече Чупеска, додавајќи дека земјата станала „заложник на внатрешни политики инфилтрирани од меѓународни авторитарни алијанси – т.н. ’Црна интернационала’“. Според неа, механизмот „го минимизира ефектот на реформите засновани на заслуги и ја изложува земјата на ризик од трајни блокади, евроскептицизам и штетни влијанија“.
Осврнувајќи се на „парадоксот на кредибилитет“, Чупеска оцени дека пренесувањето на целата одговорност на кандидатите довело до „системска опструкција на домашниот политички процес“, притоа отвлекувајќи внимание од реформите во правосудството и администрацијата. „Разочарувањето победи на претходните избори и покрај високите политички чекори како Преспа, целосното усогласување со ЕУ и НАТО, но без заслужена перспектива,“ нагласи таа.
Во сегашниот контекст, вели Чупеска, СДСМ останува единствената сила што автентично се бори за суштинско и кредибилно приближување кон ЕУ – и во власт и во опозиција. Таа изрази подготвеност за „креативни решенија“ и дури „привремен, редуктивен формат на асоцијација до полноправно членство“, но со јасен услов: „Не прифаќаме непринципиелност ниту хаос како норма на процесот.“
Чупеска ја критикуваше и домашната влада (како што се изрази – „квазипатриотска“), за „целосен изостанок на реформски иницијативи“ и неискористување на европските средства, додека се задолжува „од други извори со сомнителни портфолија“. „Иако поддржуваме постепена интеграција и особено Growth Plan – затоа што носи видливи економски придобивки – во вакви услови е неупотреблив,“ оцени таа.
Во завршницата, Чупеска испрати јасна порака до ЕУ:
„Нема ефективно проширување без кредибилна награда. Бараме вистински прогресивна политика – заснована на заслуги, со способност да ги одржи стратешките ветувања и со јасен механизам што гарантира непопречен тек на преговорите според темпото на реформите.“
„Не се бориме само за македонската интеграција, туку за зачувување на европскиот компас на целиот регион,“ додаде таа, најавувајќи дека СДСМ како конструктивна опозиција ќе продолжи да турка реформи и да го брани европскиот курс – но бара „кредибилно, принципиелно партнерство“ од Унијата.