Русите во Србија за Би-Би-Си: „Некому во Алта му е заробена животната заштеда“

Алта Банка

Русите во Србија што ги чувале парите во Алта банка се соочуваат со блокирани заштеди и деловни сметки по одземањето на нејзината дозвола за работа. Меѓу нив има семејства што ги продале домовите во Русија и ги префрлиле парите во банката, сведочат соговорници на Би-Би-Си.

Марија Артамонова, која живее во Нови Сад, објаснува дека дел од тие заштеди повеќекратно го надминуваат осигурениот износ од 50.000 евра. Блокадата ги погодила и претприемачите, кои не можат да ги користат деловните сметки за плаќање закуп, даноци, придонеси и плати.

Отворањето нови сметки претставува дополнителна пречка. Леонид Стеценко, претседател на здружението „Руска дијаспора во Србија“, за „Форбс Србија“ вели дека Алта била меѓу ретките банки достапни за многу руски државјани. Во други банки наидувале на одбивања и долги процедури, поради што сега тешко наоѓаат замена за секојдневните и деловните плаќања.

На прашањата за можностите за отворање нови сметки, АПИ банка одговорила дека постапките за резиденти и нерезиденти се одвиваат редовно, според прописите и внатрешните процедури. Од Поштенската штедилница не одговориле до објавувањето на текстот на „Форбс Србија“.

Народната банка на Србија ја одзеде дозволата на Алта банка на 30 октомври, наведувајќи значително влошување на финансиската состојба и загрозени интереси на клиентите. Според централната банка, на одлуката ѝ претходеле контроли насочени кон зголемување на ликвидноста.

Стопанскиот суд во Белград на 3 ноември отвори стечајна постапка и ја именува Агенцијата за осигурување депозити за стечаен управник. Агенцијата ја избра Поштенската штедилница за исплата на осигурените депозити. Законската заштита опфаќа најмногу 50.000 евра по депонент во банката, за категориите клиенти опфатени со осигурувањето.

Средствата над тој праг немаат иста гаранција за враќање. Нивната наплата ќе зависи од состојбата на банката и од стечајната постапка.

Во меѓувреме, руската заедница организира помош со готовина, храна и користење услуги од нивните бизниси. ББС известува и за повици граѓаните да купуваат во руски продавници и угостителски објекти, плаќајќи во готово.

Агенцијата најави дека до петок, 6 ноември, ќе ги објави датумот за почеток на исплатата и списокот на експозитури. Таа соопшти дека Фондот за осигурување депозити располага со доволно пари за сите осигурени износи и дека клиентите ќе имаат три години да ги преземат средствата.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?