Драматична ноќ во Србија, Вулин тргнал за Москва, се разбудил во Белград

Политички шпекулации за бегство во Москва, авион вратен среде лет, безбедносни проверки и полиција на белградскиот аеродром ја одбележаа ноќта меѓу 3 и 4 ноември во Србија. Во центарот на случувањата се најде поранешниот директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Александар Вулин, кој потврди дека бил во авионот и дека патувал службено за Москва.

Сè започна уште пред полетувањето. Претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, на социјалната мрежа Икс постави прашање кој вечерта со летот во 18:30 часот „бега за Москва“. Во објавата не беше наведено име, ниту беа понудени докази дека некој навистина се обидува да избега од Србија.

Неколку часа подоцна, авионот на „Ер Србија“ на летот JU134, кој полетал од Белград во 18:48 часот, бил вратен откако стигнал до јужниот дел на Литванија. Според податоците од следењето на летовите, авионот слетал во Белград непосредно пред 22 часот.

Следувале информации дека меѓу патниците се Александар Вулин, директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, и претседателот на Српската народна партија, Ненад Поповиќ. Летот во текот на вечерта станал најследениот на платформата „Флајтрадар24“.

Зошто авионот бил вратен?

Според неофицијални информации, причина за враќањето било сомневање дека Вулин се качил во авионот без да ја помине задолжителната безбедносна проверка.

Беше објавено дека директорот за корпоративна безбедност на аеродромот „Никола Тесла“, Милан Куч, по прегледување на снимките од надзорните камери утврдил дека не биле почитувани процедурите и побарал авионот да се врати.

„Ер Србија“ потврди дека авионот бил вратен по добиена информација од надлежните аеродромски служби за потреба од дополнителни безбедносни проверки поврзани со еден патник. Компанијата не го именуваше патникот.

Вулин: Спиев, се разбудив во Белград

По слетувањето се огласи и Вулин, кој потврди дека бил во авионот, но категорично ги отфрли информациите дека ги избегнал безбедносните проверки.

Тој раскажа дека спиел за време на летот и дека дури по будењето дознал дека авионот се вратил во Белград. По излегувањето, како што изјави, забележал полицајци и припадници на специјалните единици.

Вулин тврди дека повторно ги поминал проверките, заедно со останатите патници, а потоа и дополнителна индивидуална контрола. Според него, кај него не било пронајдено ништо незаконско.

Тој го оцени случајот како обид за политичка пресметка со него, обвинувајќи дека некој се обидува да го спречи неговото патување во Москва. За ваквото тврдење не понуди докази.

Вулин нагласи дека во Москва патувал службено и дека по проверките чекал повторно да се качи во авионот.

Безбедносен пропуст или политичка пресметка?

Воздухопловниот експерт Петар Војиновиќ предупреди на сериозноста на ситуацијата доколку се потврдат информациите за пропуштена безбедносна контрола. Според него, безбедносните процедури важат за сите патници, вклучително и за оние што користат посебен ВИП-третман.

Во меѓувреме, во јавноста се појавија различни верзии за причините за враќањето на авионот. Дел од медиумите првично го поврзаа пренасочувањето со ограничувања на московските аеродроми поради напади со дронови, додека официјалното објаснување на „Ер Србија“ се однесуваше на безбедносна проверка на патник.

Така, вечерта што започна со политичко прашање за наводно бегство во Москва заврши со враќање на авион полн со патници, дополнителни проверки и меѓусебни обвинувања.

Останува неразјаснето која конкретна неправилност била причина за враќањето на летот, дали некој навистина ја заобиколил безбедносната контрола и дали ќе биде спроведена дополнителна истрага за постапувањето на аеродромските служби.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?