Според најновиот извештај на Светска банка, македонската економија ќе забележи реален раст на БДП од 3,1% во 2025 година, со благ пораст на 3% во 2026 и повторно 3% во 2027 година. Новите проекции се за нијанса повисоки од оние во пролетниот извештај, што укажува на умерен позитивен тренд во економското закрепнување.
Светска банка наведува дека податоците во извештајот се засновани на состојбите до 20 септември 2025 година.
Во поширок контекст, економијата на Западен Балкан се очекува да забрза во наредните години, поттикната од зголемени инвестиции и постепено опоравување на извозот. Сепак, за регионот да продолжи да се приближува до земјите од Европската Унија, потребно е фокусирање на создавање квалитетни и одржливи работни места, се вели во извештајот.
– Економскиот раст во Западен Балкан годинава забави поради инфлацијата што ја намали потрошувачката и ја зголеми неизвесноста, што ги ограничи трговијата и инвестициите, и покрај растот на платите и кредитите – се наведува во документот.
Фискалната политика, како што додава Светска банка, останува дисциплинирана – буџетскиот дефицит е под 3%, а јавниот долг продолжува да се движи по надолна траекторија.
Просечниот регионален раст за 2025 година се предвидува на 3,0%, со очекувано зголемување на 3,1% во 2026 и 3,6% во 2027 година.
Шаокинг Ју, директор на дивизијата за Западен Балкан во Светска банка, истакнува дека регионот бележи напредок во намалувањето на развојниот јаз во однос на напредните економии на ЕУ, но дека растот сè уште не е доволен.
– За да се забрза економскиот напредок, неопходно е да се охрабри поголемо учество на пазарот на труд, да се подобрат вештините на населението и да се поддржи растот на компаниите преку дигитални надградби – вели Ју.