Последната делница од автопатот А5 на хрватскиот дел од Коридорот 5Ц, од Бели Манастир до границата со Унгарија, денеска беше пуштена во сообраќај. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ истакна дека со тоа Хрватска го завршила својот дел од обврските за изградба на овој меѓународен коридор, кој е главна артерија за економски развој на овој дел од Европа.
Пленковиќ нагласи дека најголемиот дел од Коридорот 5Ц кој сè уште треба да се изгради се наоѓа во Босна и Херцеговина, каде што останува изградба на околу 200 километри автопат. Откако тој дел ќе биде готов, ќе се почувствува интензитетот на сообраќајот и развојниот импулс, бидејќи автопатот ќе ги поврзе земјите од Средна Европа.
„Создаваме артерија за економски развој на овој дел од Европа. Овој проект е особено важен за односите меѓу Хрватска и Унгарија и ќе придонесе за зголемена поврзаност, размена и економски односи. Има и политичка димензија и сигурен сум дека ќе ја унапреди соработката меѓу двете земји“, изјави Пленковиќ.
Потпретседателот на Владата и министер за море, сообраќај и инфраструктура, Олег Бутковиќ, истакна дека со пуштањето во употреба на последната делница, Хрватска ги завршила сите 88 километри автопат на Коридорот 5Ц.
„Со ова, автопатот ги поврза Хрватска, Унгарија и Средна Европа, што е важен резултат од инвестициите во транспортната инфраструктура, која денеска е на многу високо ниво. Следува изградба на брзи патишта до континенталните центри и понатаму вложување во железничката инфраструктура“, изјави министерот.
Хрватска во Коридорот 5Ц вложила над 875 милиони евра.