Цените на акциите на Волстрит во вторникот забележаа благ пад од рекордните нивоа, откако инвеститорите останаа без јасни насоки поради прекинот на работата на федералните служби во САД.
Индексот Dow Jones ослабе за 0,2 проценти, на 46.602 поени, S&P 500 се намали за 0,38 проценти, на 6.714 поени, а технолошкиот Nasdaq падна за 0,67 проценти, на 22.788 поени.
Прекинот на работата на државните служби, кој трае веќе седум дена поради неуспехот на демократите и републиканците да се договорат околу финансирањето, внесе дополнителна неизвесност на пазарите. Иако ваквите ситуации не се реткост и обично немаат долгорочни последици, аналитичарите предупредуваат дека продолжениот застој може да предизвика економска штета.
Поради затворањето на службите не се објавуваат клучни економски извештаи, па инвеститорите се ориентираат кон помалку значајни показатели. Најновото истражување на њујоршкиот огранок на Федералните резерви покажува пад на оптимизмот меѓу потрошувачите и раст на инфлациските очекувања.
И покрај тоа, пазарите добиваат поддршка од надежта дека Федералните резерви наскоро повторно ќе ги намалат каматните стапки, откако веќе во септември ги намалија за 0,25 процентни поени. Според повеќето аналитичари, се очекуваат уште две намалувања до крајот на годината.
На европските берзи, пак, цените на акциите бележат благ опоравок: лондонскиот FTSE порасна за 0,05 проценти, франкфуртскиот DAX за 0,03 проценти, а парискиот CAC за 0,04 проценти.