(ВИДЕО) Бале Брзи: На 72 години трчам и ги победувам младите

„Луѓето гледаат дека јас со 72 години трчам и ги победувам младите. Не е проблем во годините – проблем е дали човек сака или не сака да успее. Ако работиш со љубов, било која работа ќе успее!“

„Луѓето гледаат дека јас со 72 години трчам и ги победувам младите. Не е проблем во годините – проблем е дали човек сака или не сака да успее. Ако работиш со љубов, било која работа ќе успее!“

На 72 години, Благоја Ацковски – познат како Бале Брзи, продолжува да руши бариери и да инспирира со својот пример. Оваа година тој беше највозрасниот учесник на Скопскиот Виз Ер маратон, покажувајќи дека годините се само бројка и дека страста и дисциплината не познаваат граници.

„Се чувствувам како да имам 40 години – полн сум со енергија,“ вели Бале, кој дополнително се занимава со својата мала бавча каде што одгледува овошје и зеленчук. „Животот е маратон – а најважно е да не застанеш. Трчањето ми дава здравје, среќа и дисциплина.“

Бале започнал активно да трча од кога излегол во пензија, бидејќи тогаш имал повеќе време да се посвети на својата страст. Од 2023 година, тој ја организира и „Бале трка“, каде што првопласираните учесници добиваат плодови од неговата бавча, промовирајќи здрав живот и позитивни навики.

Кога го прашавме за неговата животна филозофија, Бале одговори:
Мојата филозофија е позитивна мисла – на сè гледам позитивно и не дозволувам негативни мисли да ми се всадат.

Со секој чекор на патеката, Бале Брзи потсетува дека страста, упорноста и позитивниот дух се клучот за исполнет живот.

Автор на фотографии и насловна фотографија: Горан Анастасовски

Зачлени се на нашиот е-билтен