Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар, заедно со еден од неговите викарни епсикопи, Никола, е во Русија и служат литургија со Рускиот патријарх Кирил, објави порталот Религија.мк.
Како што пишува во текстот, литургијата, на која учествувал и Антониј, шефот на руската црковна дипломатија и уште неколку други архиереи на Руската црква се одржала во манастирот Свети Сергеј Радоњишки близу Москва.
Религија.мк тврди дека заминувањето на Петар и Никола за Москва било инкогнито, бидејќи ниту неговата епархија, ниту пак црковниот портал Литургија.мк не ја најавија неговата посета.
Порталот укажува дека ова е за прв пат македонски архиереи да отпатуваат во Москва, на служба со рускиот патријарх. На оваа литургија владиците Петар и Никола ќе се молат за победата на Русија во Украина и за спасение на Света Рус, молитва што Рускиит патријарх ја внесе во литургиите на Руската црква, по окупацијата на Русија врз делови од Украина, нешто пак што најголем дел од православните цркви го оценија како ерес.
Петар е еден од ретките владици во Православниот свет, покрај владици на Српската и Бугарската црква, кои во Москва заминале за да скужат литургија со Руската црква, по инвазијата на Русија врз Украина, и отворената поддршка што Патријархот Кирил ја дава на руските воени сили.
Инаку, владиката Петар имаше намера да патува во Москва и пред речиси две години, но поради дипломатските односи меѓу Македонија и Русија, поради фактот што Русија ја има вброено Македонија во списокот на непријателски земји, најверојатно тогашните безбедносни служи на државата не го дозволија негово заминување за Москва.
Религија.мк прашува како сега Петар и Никола отпатувале за Русија, особено по инцидентот во кој му беше забранет влез во Македонија на рускиот Архимандрит Васијан Змеев, и каква оценка дале безбедносните структури е непознато.
Ова е секако прашање и за македонските министерства за одбрана и за надворешни работи кои треба да одговорат како ја толкуваат оваа посета на владиката Петар на Москва кога се јасни позициите на Северна Македонија кон Руската Федерација и нејзината воена инвазија на Украина и континуираните закани по безбедноста на Европа.
Рацин.мк, во врска со ова испрати прашања со Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана за коментар или став за оваа посета на владиката Петар бидејќи таа е во спротивност на позициите на нашата земја како членка на НАТО и како дел од земјите членки на ЕУ и на другите европски земји, поддржани од САД, во однос на Руската Федерација.
Штом ќе ги добиеме одговорите ќе бидат веднаш објавени.