Отворена истрага за апликацијата Тему

Германската служба за заштита на конкуренцијата отвори истрага против кинеската платформа за е-трговија Тему, со цел да утврди дали компанијата неправедно се мешала во ценовната политика на трговците што ја користат нејзината платформа.

Според соопштението, истрагата треба да ги расветли условите што Тему им ги поставува на трговците за пристап до платформата, како и други аспекти од нејзиниот однос со нив.

„Истражуваме сомнежи дека Temu можеби им поставувала неприфатливи барања на трговците во Германија во врска со нивните цени“, изјави директорот на германската агенција за конкуренција Андреас Мунт.

Тој предупреди дека таквите барања би можеле значително да ја ограничат конкуренцијата и на крај да предизвикаат раст на цените и на други продажни канали.

Иако Тему управува со платформи за онлајн-трговија, таа сама не продава производи, нагласуваат од германската институција.

И Здружението на германски трговци (HDE) се пожалило на мешањето на Тему во одредувањето на цените.

Во првата половина од 2025 година, платформата во Германија бележела во просек околу 19,3 милиони активни корисници месечно, покажуваат податоците на регулаторот.

Од Тему изјавија дека компанијата се придржува до сите важечки закони и регулативи на пазарите каде што работи, додавајќи дека се сигурни „дека сите дилеми ќе бидат успешно разјаснети“.

Зачлени се на нашиот е-билтен