Во Дубровник денеска се одржува втората министерска средба за Зелената агенда за Западен Балкан (GAWB), на која учествуваат министрите за животна средина од регионот, претставници на Европската комисија, Германија, Обединетото Кралство, Хрватска и бројни регионални и меѓународни партнери.

На средбата ќе се разгледуваат следните чекори за спроведување на Зелената агенда, со фокус на зајакнување на климатската отпорност, намалување на загадувањето од пластика, зачувување на биодиверзитетот и забрзување на зелената транзиција во согласност со европските стандарди.
Поздравни обраќања ќе имаат Амер Капетановиќ, генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (RCC), Јан Дусик од Европската комисија, Јохан Затоф од германското Министерство за економска соработка и развој, Џавед Пател, амбасадор на Обединетото Кралство во Хрватска, и Марија Вучковиќ, министерка за заштита на животната средина и зелена транзиција на Хрватска.
По министерскиот панел за унапредување на GAWB, се очекува министрите од Западен Балкан да ја усвојат Декларацијата од Дубровник, која ги опфаќа четирите клучни регионални документи: Ревидираниот акционен план GAWB 2025–2030, Патоказот за климатска адаптација на ЗБ6, Регионалниот акциски план за спречување на загадување од пластика и морски отпад и Нацрт-стратегијата за биодиверзитет на ЗБ6 до 2030 година.
Со усвојувањето на овие документи, регионот преминува од фаза на планирање кон спроведување, со амбициозни и мерливи цели во областа на енергетската транзиција, климатската отпорност, циркуларната економија и заштитата на природата.
Средбата во Дубровник се одржува во рамки на Берлинскиот процес 2025 и претставува клучен годишен форум за преглед на напредокот и утврдување на идните активности за спроведување на Зелената агенда. Организатор е Регионалниот совет за соработка (RCC), во партнерство со германското Министерство за економска соработка и развој (BMZ) и Европската комисија, под покровителство на претседавањето на Обединетото Кралство со Берлинскиот процес.
Зелената агенда за Западен Балкан претставува заедничка рамка што го усогласува регионот со Европскиот зелен договор и го насочува кон одржлива и климатски неутрална иднина.