Речиси две третини од граѓаните на Србија сметаат дека распишувањето предвремени избори е најдобар излез од актуелната политичка криза, покажува анкетата на Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА), спроведена од 13 до 27 септември.

Според резултатите, студентската листа ужива поддршка од 44 проценти од испитаниците, додека блокот предводен од српскиот претседател Александар Вучиќ има поддршка од 32 проценти. Интересен податок е дека речиси секој трет гласач на владејачката партија смета дека треба да се одржат избори.
ЦРТА наведува дека 43 проценти од граѓаните веруваат дека не е важно кој ќе ја преземе власта по Вучиќ, додека 39 проценти сметаат дека би било полошо без него – што според организацијата ја илустрира длабоката поделба во општеството.
Истражувањето покажува и зголемена поддршка за протестите против владата – 58 проценти од граѓаните ги поддржуваат, додека 39 проценти не.
Како најголеми проблеми во земјата, 26 проценти од испитаниците ја посочуваат системската корупција, а 20 проценти ги издвојуваат студентските блокади и протестите. Повеќе од половина од анкетираните сметаат дека Србија се движи во погрешна насока, додека една третина верува дека земјата е на вистинскиот пат.