Предизборна најава за реконструкција на железничката во Скопје

ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ стартува со изработка на проект за целосна реконструкција на Железничката станица во Скопје, паралелно со проектна документација за ремонт на пругата Зелениково–Велес, санација на неколку свлечишта и на мостот на Црна Река што делумно се урна во 2022 година. Во работата ќе учествуваат Градежниот и Архитектонскиот факултет.

Директорот Синиша Ивановски најави дека изработката на главниот проект за станицата ќе трае најмалку една година, по што следуваат обезбедување финансии и градежни работи. Планот е целината да заврши во рок од пет до шест години – синхронизирано со пуштањето на брзата пруга на Коридорот 10 и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје.

„Ако завршиме со проектот за една година, потоа финансирањето ќе биде или од Буџетот, или преку заем од ЕБРД, ЕИБ или комерцијални банки. Не е исклучена и опција за стратешко партнерство со Велика Британија. Целта е за пет до шест години истовремено да бидат готови брзата пруга и кракот до аеродромот“, рече Ивановски.

Пресврт во станицата: зачуван изглед на Кензо Танге, современа внатрешност
Реконструкцијата ќе го зачува основниот архитектонски јазик од 1981 година според проектот на Кензо Танге, но со целосно нови инсталации, греење и ладење, и со расчистување на сите доградби и привремени објекти што не се дел од оригиналната замисла.

„Станицата сега изгледа како пит-стоп на Формула. Тоа завршува. Ќе има забрана за рекламирање; столбовите нема да бидат панои. Ќе се сменат содржините – аптеки и други комерцијални услуги се добредојдени, но импровизирани доградби, како ќебапчилници, нема да бидат дозволени. Сè што е надвор од првичниот проект ќе се отстрани“, најави Ивановски.

Градежниот факултет: ремонт на колосек, мостови и свлечишта по европски стандарди
Деканот Јосиф Јосифовски посочи дека задачата опфаќа целосна реконструкција и рехабилитација на елементите на пругата на Коридор 10 – санација и јакнење на мостовски конструкции, стабилизација на свлечишта и потпорни ѕидови. „Почетокот доцнеше, но сега влегуваме во процес со јасна цел: да ги обезбедиме условите и стандардите што важат во европските земји. Имаме капацитет да одговориме на задачата“, рече Јосифовски.

Архитектонскиот факултет: внимателна ревизија на оригиналот и нова јавна функција
Деканката Анета Христова Поповска најави дека првата фаза е детална документација и анализа на оригиналните решенија. „Ќе има надградба со која објектот ќе стане социјален хаб и отворено плато за културен и јавен живот. Ќе ги преиспитаме аспектите на дизајнот на Танге внимателно и софистицирано, но ќе понудиме и нешто ново што скопјани одамна го очекуваат. Приклучувањето со брзата железничка линија – дел од европската мрежа – е извонредна работа што им ја должиме на идните генерации“, рече Поповска.

Зачлени се на нашиот е-билтен