Хамас ги врати телата на израелските заложници – Израел одговара со намалување на хуманитарната помош

Хамас денеска ги предаде телата на четворица израелски заложници, само еден ден по заканите на Израел дека ќе ја преполови хуманитарната помош за Појасот Газа. Израелската армија потврди дека ковчезите биле примени преку Меѓународниот Црвен крст и пренесени за форензичка идентификација.

Портпаролот на Хамас, Хазем Касем, изјави дека предавањето е дел од мировниот план за прекин на војната во Газа, додека Израелските власти обвинија дека групата го прекршила договорот и најавија ограничување на помошта.

Поради тоа, од среда ќе биде дозволен само половичен број хуманитарни камиони, а отворањето на јужниот премин кон Египет — кој требаше да овозможи евакуација на ранетите — е одложено.

Двегодишниот конфликт остави огромни последици: повеќе од половина милион жители на Газа страдаат од глад, а за задоволување на основните потреби потребни се најмалку 600 камиони со помош дневно.

Во меѓувреме, видеа што кружат на интернет прикажуваат борци на Хамас како егзекутираат седуммина мажи обвинети за соработка со Израел. Групата го потврди инцидентот, а локалните безбедносни извори додаваат дека во последните денови има десетици загинати во судири меѓу ривалски палестински групи.

Израелската армија, пак, соопшти дека извршила неколку воздушни напади во источните делови на градот Газа и околу Кан Јунис, при што загинале најмалку шест лица.

Американскиот претседател Доналд Трамп го засили притисокот, изјавувајќи:

„Ако не се разоружаат, ние ќе ги разоружаме. Брзо и можеби насилно.“

Досега се разменети 20 живи израелски заложници за околу 2.000 палестински затвореници, а се вратени осум тела. Израелските власти сè уште трагаат по најмалку 19 лица кои се водат како исчезнати.

Од почетокот на војната во октомври 2023 година, според податоци на властите во Газа, загинале над 67.000 лица, а илјадници се уште се сметаат за исчезнати.

Зачлени се на нашиот е-билтен