Соопштението објавено на 14.10.2025 година на веб-страницата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ со наслов „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“ го доживувам како притисок и заплашување врз јавен обвинител од лице за кое се води кривична постапка, напиша на социјалните мрежи обвинителката Ленче Ристоска.
Во продолжение ја пренесуваме содржината на нејзината реакција во целост:
Јас како обвинител постапувам по два предмети со кои е засегната политичката партија ВМРО ДПМНЕ – еден каде политичката партија е обвинета за кривично дело перење пари и друг каде има својство на лице врз кое е пренесена имотна корист за која има обвинение дека е прибавена со кривично дело. Моментално и двете постапки се во фаза на судење, а со судска одлука замрзнати се партиското седиште и други 68 недвижности кои се опфатени со постапките.
Оттука, соопштението на политичката партија ВМРО ДПМНЕ, која во моментот е и носител и на извршната и законодавната власт, не е само критика на мојата работа како обвинител, туку со оглед дека се споменува „крај“ и „време на вистинска правда“, ова соопштение, испраќа намерна порака за заплашување и влијание врз мојата работа како јавен обвинител. Впрочем ова соопштение е само уште еден од низата напади на кои сум изложена изминатиот период.
Дополнително, ова соопштение содржи невистинити и навредливи тврдења, меѓу кои дека:
1. Моето професионално делување било инструирано од политички чинители и криминални структури
2. Самата сум си исплатувала бонуси и награди и сум користела службени картички
3. Јас го симболизирам моралниот пад на обвинителството и отсуството на срам е моја одлика.
Со оглед на горенаведеното, барам политичката партија јавно да се извини во рок од седум дена од ова соопштение или да ги докаже своите тврдења. Во спротивно, ќе поведам постапка за граѓанска одговорност за клевета и навреда против правното лице кое го објавило текстот.
Сакам да укажам дека како обвинител јас имам не само право туку и обврска јавно да зборувам за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта и се атакува на мојот професионален интегритет. Мојата работа како јавен обвинител е борба со криминалот и таа секогаш се базира на заштита на јавниот интерес, без оглед кој сѐ се јавува како сторител на кривични дела.