На граничниот премин Евзони вчера владееше редовна состојба без застои, а сите служби работеа непречено. Според неофицијални информации, на овој премин кон Грција во моментов не се врши електронско регистрирање на патниците од трети земји, меѓу кои и македонските државјани што патуваат со сопствени возила.
Во првата фаза од примената на новиот европски Систем за влез/излез (EES), кој грчките гранични служби го воведоа на 12 октомври, електронски се евидентираат само возачите на тешки товарни возила што влегуваат во Грција, и тоа во периодот од 9:00 до 17:00 часот.
Следната, втора фаза ќе опфати електронска регистрација на патниците што патуваат со редовни автобуски линии, а третата – која се очекува да започне од средината на декември 2025 година – ќе ги опфати сите патници од трети земји, кои при влез во Грција ќе треба да остават биометриски податоци (отпечаток и фотографија).
Грчките власти најавија дека ќе побараат поддршка од Фронтекс, како и мобилни уреди за регистрација на патниците, со цел процесот да се одвива поефикасно и без задржувања на границите.
Воведувањето на новиот систем е дел од транзицискиот период што Европската Унија им го даде на земјите членки – од октомври 2025 до април 2026 година. Тоа значи дека до април следната година дел од патниците ќе продолжат да добиваат печати во пасошите, додека постепено сите премини ќе преминат на целосна дигитална евиденција.
Од 10 април 2026 година, печатите во пасошите ќе бидат заменети со електронски записи, а сите членки на Шенген-зоната ќе го користат ЕЕС на своите надворешни граници – копнени, воздушни и поморски.
Во текот на транзицискиот период, секоја земја членка самостојно одлучува кога и на кои гранични премини ќе го воведе системот. Ваквиот постепен пристап треба да овозможи граничните служби, транспортниот сектор и самите патници полесно да се приспособат на новите процедури.