Против поранешниот советник за национална безбедност на Доналд Трамп, Џон Болтон, вчера беше покренато обвинение за задржување и пренесување информации од интерес на националната одбрана.
Британските медиуми наведуваат дека ова е трет пат во последните неколку недели американското Министерство за правда да поднесува кривични пријави против некој од критичарите на републиканскиот претседател.
Адвокатот на Болтон не одговори веднаш на барањето за коментар, но претходно негираше дека неговиот клиент сторил какво било кривично дело. Обвинението, според судските записи, следеше по објавувањето на документи минатиот месец кои открија дека Болтон е под федерална истрага за евентуално лошо ракување со класифицирани информации.
Трамп, кој водеше кампања со ветување за одмазда откако се соочи со низа правни проблеми на крајот од својот прв мандат во 2021 година, ги отфрла децениските норми дизајнирани да ги заштитат федералните агенции од политички притисок. Во последните месеци, тој активно го охрабруваше Министерството за правда да покрене обвиненија против неговите противници.
Болтон беше амбасадор на САД во Обединетите нации и советник за национална безбедност на Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп, пред да стане еден од најгласните критичари на претседателот. Во своите мемоари објавени минатата година, тој го опиша Трамп како несоодветен за функцијата.
Обвиненијата против Болтон дојдоа кратко откако Министерството за правда го обвини поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, кој ја истражуваше претседателската кампања на Трамп во 2016 година, и главната обвинителка на државата Њујорк, Летиција Џејмс, која претходно покрена граѓанска тужба за измама против Трамп и неговиот семеен бизнис. Коми се соочува со обвиненија за давање лажни изјави пред Конгресот, додека Џејмс се соочува со обвиненија за банкарска измама. И двајцата ја негираа вината.
Два извори запознаени со случајот изјавија дека високи претставници на Министерството за правда инсистирале Болтон брзо да биде обвинет. Тоа се случи и покрај првичните загрижености од некои обвинители и адвокати од Мериленд во Министерството за внатрешна безбедност, кои сметаа дека е потребна дополнителна истрага и стравуваа дека случајот непотребно се забрзува. Еден од изворите додаде дека обвинителите, по дополнително разгледување на доказите во текот на викендот, заклучиле дека можат да продолжат со случајот.

Агенти на ФБИ во август го пребараа домот и канцеларијата на Болтон заради обезбедување докази за можни прекршувања на Законот за шпионажа. Според судските документи, од неговиот дом во Мериленд биле запленети два мобилни телефони и документи во папки означени со „Трамп I-IV“. Во неговата канцеларија во Вашингтон биле пронајдени документи означени со „доверливо“, кои се однесувале на оружје за масовно уништување и мисијата на САД во ОН.
Судските поднесоци, исто така, покажуваат дека странски субјект ја хакирал е-поштата на Болтон, иако деталите се редактирани.
Самиот Трамп претходно беше обвинет за кршење на Законот за шпионажа за носење класифицирани документи во неговиот дом во Флорида, но тој случај беше отфрлен по неговиот реизбор во ноември 2024 година.