Започнува 25. издание на „Есенските музички свечености“ – концерт на Македонскиот национален џез оркестар ќе го отвори фестивалот

Со концертот „Македонски сновиденија“ на Македонскиот национален џез оркестар, под диригентство на Владимир Николов, на 25 октомври 2025 година (сабота) во 20 часот во Малата сала на Филхармонија, ќе започне јубилејното 25. издание на фестивалот „Есенски музички свечености“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Фестивалот, кој оваа година се одржува во периодот од 25 октомври до 10 ноември, и по четврт век од своето постоење продолжува да биде едно од најпрестижните музички случувања во главниот град, кое традиционално ги поврзува љубителите на класичната и современата музика.

Отворањето ќе го одбележи концертната програма „Македонски сновиденија“ – динамична и инспиративна фузија на македонскиот фолклор со современ џез израз, преку која оркестарот ќе ги прераскаже длабоките културни корени на Македонија низ слободниот јазик на џезот.

Македонскиот национален џез оркестар, основан во 2024 година како национална институција, за кусо време стана една од највлијателните музички формации во регионот. Препознатлив по својот автентичен звук, високото уметничко ниво и креативните соработки, оркестарот успеа да се позиционира како национален џез бренд и да привлече вниманието на домашната и меѓународната јавност.

Во своите досегашни настапи, ансамблот соработувал со врвни светски уметници како Курт Елинг, Марија Мендеш, Дони МекКаслин, Курт Розенвинкел, Дон Менца, Шеун Кути, Зиги Фајгл, Луис Бониља, Франческо Беарцати и многу други, со што значително го зголеми својот меѓународен профил и уметнички углед.

Билетите за отворањето на фестивалот се веќе во продажба на karti.com.mk.

Со програмата што ја нуди оваа година, „Есенските музички свечености“ уште еднаш ја потврдуваат својата мисија да го слават богатството на музиката – од класичната традиција до современите изрази – и да го поттикнуваат културниот живот на Скопје и Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен