Окружниот суд во Варшава денеска одби да го екстрадира украинскиот нуркач Володимир Ж., кого германските власти го сомничат за саботажа на руско-германскиот гасовод „Северен тек“ во Балтичкото Море во 2022 година, јави агенцијата Бета.
Со оваа одлука, Полска не го прифати европскиот налог за апсење издаден од Германија, а 49-годишниот Украинец е ослободен од притвор.
Судот во Варшава образложи дека одлуката не се однесува на вината или невиноста на осомничениот, туку на правната валидност на барањето за изручење. „Документот што го испрати германската страна содржи само општи формулации и зафаќа една страница од формат А4. Судот не доби никакви докази“, соопшти судот.
Одбрана: „Не може да биде обвинет за дело против Русија“
Адвокатот на осомничениот, Тимотеуш Папроцки, изјави дека главната линија на одбраната се темелела на ставот дека ниеден државјанин на Украина не може да биде обвинет или осуден за дела извршени против Русија.
„Гасоводот ‘Северен тек’ е дел од воената инфраструктура преку која Русија го финансира војувањето во Украина. На мојот клиент треба да се гледа како на борец, а не како на криминалец,“ изјави Папроцки пред судењето. Тој додаде дека во Германија неговиот клиент не би добил фер судење, бидејќи станува збор за проект со силна руско-германска политичка и економска позадина, и дека постои ризик да биде предаден на Русија, од каде „не би се вратил жив“.
Поддршка од премиерот Туск
Полскиот премиер Доналд Туск ја поздрави одлуката на судот, оценувајќи дека таа е „исправна“. „Исправно. Работата е завршена,“ напиша тој на платформата X.
Туск претходно изјави дека не е во интерес на Полска да го екстрадира Украинецот, потсетувајќи дека изградбата на „Северен тек“ никогаш не била во интерес на Полска, Украина, балтичките држави, ниту на Европа во целина.
Министерот за надворешни работи Радослав Шикорски соопшти дека Полска е подготвена да му додели азил на Володимир Ж.
Слична одлука донесе и судот во Болоња, Италија, кој минатата есен одби да ѝ го предаде на Германија друг Украинец, Серхиј Кузњецов, исто така осомничен за саботажа на истиот гасовод.
Полската одлука дополнително ги заострува односи меѓу Варшава и Берлин, а случајот повторно го отвора прашањето за тоа кој стои зад експлозиите на „Северен тек“ – настан што и денес останува обвиткан во тајност и геополитички тензии.