Комисијата за избор на кандидат на Република Северна Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) денеска одржува состанок и интервјуа со кандидатите во просториите на Уставниот суд во Скопје.
Според информациите од Комисијата, интервјуата ќе се спроведуваат на англиски и француски јазик, а поради зголемување на транспарентноста, процесот ќе биде набљудуван од независни претставници.
„За да се обезбеди поголема транспарентност во процесот, Комисијата одлучи интервјуирањето да се одвива пред независни набљудувачи. Поканети се претставници од невладините организации Коалиција сите за правично судење и Македонско здружение на млади правници“, соопштија од Комисијата.
Меѓу кандидатите кои ќе бидат интервјуирани се поранешни и сегашни судии, универзитетски професори и адвокати. Станува збор за 11 кандидати:
Оља Ристова, Тони Менкиноски, Наташа Габер Дамјановска, Јордан Апостолски, Александар Даштевски, Али Алиу, Илир Исени, Јелена Ристиќ, Сашо Георгиевски, Наташа Бошкова и Ана Дангова Хуг.
Деветгодишниот мандат на актуелниот македонски судија во Стразбур, Јован Илиевски, истекува на 1 февруари 2026 година.