„Андерфест“, еден од најпрепознатливите алтернативни рок фестивали кај нас, ја најавѝ програмата за своето седмо издание. Настанот ќе се одржи на 7 ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, а и ова издание ветува вечер исполнета со моќна енергија, автентична музика и врвни настапи.
„Андерфест“ со годините изгради статус на фестивал што ги спојува најдобрите имиња од домашната алтернативна сцена, создавајќи уникатно музичко искуство за сите љубители на рокот и неговите поджанрови.
Оваа година, публиката ќе има можност да ги чуе и види LOST IN REVERIE, АУДИОЦИГЛА, ДИМИШ, ЗАНАДУ, ДЕМЕНСИ, ГОЛЕМАТА ВОДА и НОВИОТ ПОЧЕТОК – бендови кои носат свеж звук, различни емоции и препознатлив сценски настап.
Организаторите најавуваат уште повисоко ниво на продукција, динамична атмосфера и простор каде што ќе се слави вистинскиот дух на независната музичка сцена. За многумина, „Андерфест“ е повеќе од фестивал – тоа е традиција, движење и заедница што ја поттикнува домашната рок култура. Билетите се пуштени во продажба преку drugastrana.mk.