На 10 октомври, во рамките на фестивалот „Здраво Млади“, во Младинскиот културен центар во Скопје, се одржа националното финале на Imagine Македонија 2025, во организација на Музичка младина на Македонија.
Победници на овогодинешното издание се Корка, grunge noise rock бенд од Кочани, кои ќе ја претставуваат Македонија на меѓународното Imagine финале, што ќе се одржи на 14 декември во Брисел, Белгија.
Тие ќе се натпреваруваат со учесници од Шведска, Норвешка, Холандија, Франција, Белгија, Унгарија и Велика Британија.
Националното жири, составено од четворица членови, додели и дополнителни награди:
The Pot, grunge stoner rock бенд, ја освоија наградата за отворање на официјалната програма на фестивалот „Здраво Млади“, што ќе се одржи следниот ден, LSD During War, sludge/nu metal состав, добија награда за снимање на сингл, а Tsar Von Time ќе настапат на роденденскиот концерт на Музичка младина на Македонија, кој традиционално се одржува во јануари.
Ова е првпат Imagine Македонија да се одржи во жив формат, како дел од фестивалската програма на „Здраво Млади“, со вкупно осум учеснички бендови од различни градови во земјата.
Imagine Македонија е дел од меѓународната Imagine Music Experience програма на Меѓународна музичка младина (JMI), која се реализира во повеќе земји ширум светот и претставува уникатна платформа за промоција на млади музичари.


