Десет лица се во притвор во случајот со ОПЕКЕПЕ и незаконски добиени европски земјоделски субвенции, соопштија грчките медиуми. Постапката, што ја води европски истражен судија, следи по минатонеделните апсења на 37 осомничени, а обвиненијата опфаќаат криминална организација, измама поврзана со грантови, присвојување лажни потврди и перење пари. Според грчката полиција, штетата кон ЕУ и грчката држава од 2018 година досега изнесува најмалку пет милиони евра, со можност во завршница на истрагата да ја надмине сумата од десет милиони.
За водач на групата грчките медиуми го посочуваат 38-годишен маж од Јаница. Тој, на распит, признал дела за кои се товари, но не и раководна улога, тврдејќи дека сите, вклучително и тој, дејствувале индивидуално. Уапсените доаѓаат од шест региони на Грција, а сослушувањата продолжуваат пред европскиот истражен судија.
Случајот го стави под лупа и Европското јавно обвинителство. Европската обвинителка Лаура Ковеши минатиот месец во Атина предупреди дека „со години, криминалците, со помош на државни службеници и високи функционери, крадеа европски пари што беа наменети за помош на вредните и чесни земјоделци…“, оценувајќи дека „ОПЕКЕПЕ стана акроним за корупција и непотизам“. Нејзината изјава ја засили јавната осуда и очекувањата за темелно расчистување и одговорност.
Истрагата продолжува со финансиско-трасолошки проверки, проверка на имот и потенцијални мрежи на соработници. Судската фаза треба да даде одговор дали станува збор за организирана шема со внатрешни врски во институциите или за повеќе паралелни злоупотреби што се надоврзале на слабости во контролите на субвенциите.
