Филипче: Ќе се проширува опозицискиот фронт, ние ќе го водиме

По вториот круг на локалните избори и оставките во дел од раководството, лидерот на СДСМ Венко Филипче порача дека му е потребно „повеќе време“ за Филипче консолидација на партијата. На прес-конференција најави кадровски и програмски промени, но без конкретни имиња и рокови. Идеолошката основа, рече, останува иста; се финализира програма по „вредносни сектори“ која наскоро ќе биде изнесена пред јавноста. Паралелно се работи на проширување на опозициската платформа – со политички чинители и граѓански организации – за, како што оцени, да се изгради фронт што реално може да се соочи со ВМРО-ДПМНЕ.

Во оваа фаза нема нови оставки, но нема ни нови имиња за испразнетите позиции. Филипче призна дека првично најавениот рок за комплетирање на тимот „оваа недела“ не може да се испочитува. „Не сакам да се избрза со процесот“, рече тој, додавајќи дека ги следи и негативните реакции на социјалните мрежи како симтом на неисполнети очекувања. Пораката кон членството беше конциозна: „Сите се потребни“, а изборот на тимот ќе дојде по бројни разговори и внатрешно усогласување.

За исходот од изборите, Филипче нагласи дека одговорноста е колективна – „и за пораз и за победа никогаш не е на еден“ – и посочи дека имало општини со значајно зголемување на гласовите во однос на лани, меѓу 40 и 100 проценти. Други средини, пак, останале под очекувањата – слика која дополнително ја оправдува најавената реорганизација.

За Изборниот законик, ставот на СДСМ е дека промените мора да се носат со широк политички консензус. Филипче отвори простор за расправа за повеќе модели, но најави дека партијата ќе влезе во дебата за отворени листи – тема што периодично се враќа во предизборните циклуси и која ја редефинира моќта меѓу партиите и гласачите. Во врска со барањето на Левица за место во Државната изборна комисија врз основа на локалниот резултат, Филипче рече дека е потребна анализа на критериумите врз кои претседателот на Левица го темели ставот. Дополнително, нагласи дека пратеничката група на СДСМ во Собранието е „единствена“.

Зачлени се на нашиот е-билтен