Во случајот Онкологија Црвенкова, бранителот Владимир Туфегчиќ остро реагираше на исказите на дел од денешните сведоци во Кривичниот суд Скопје. Според него, во недостаток од аргументи и докази за кривичното дело што ѝ се става на товар на онкологот Симонида Црвенкова, Обвинителството се потпира на „неосновани лични дискредитации“. Туфегчиќ тврдеше дека „секој што ја познава Црвенкова знае дека тоа апсолутно не е точно“, алудирајќи на сведоштвото дека давале средства за лекување иако не им било побарано.
Адвокатот оцени дека ниту еден од денешните сведоци не навел конкретен пропуст што би упатувал на несовесно лекување. За случајот на првата сведочилка, чија мајка имала „галопирачки канцер“ на бели дробови и бубрези, рече дека лекарите во такви состојби „прават сè што е можно, но не можат да спасат нечии живот“. Иако сведоците признале дека болеста била неизлечива, дел од нив се приклучија на имотно-правното побарување и на кривичниот прогон – потег што одбраната го оспорува.
„Ова е премногу стручна тема,“ додаде Туфегчиќ, нагласувајќи дека на прашањата веќе одговориле стручни лица и дека дел од кажувањата се лични перцепции на блиските на пациентите. „Сите посакуваме најблиските да оздрават, но понекогаш тоа е невозможно,“ рече тој.
Денешната расправа продолжи со сослушување на повеќе оштетени сведоци – законски застапници на починати пациенти – кои говореа за терапиите и третманот на Клиниката за онкологија. Предметот е во доказна постапка; обвинетите, меѓу кои и Симонида Црвенкова, се товарат за „несовесно лекување“ и „тешки дела против здравјето на луѓето“. Според начелото на пресумпција на невиност, тие остануваат невини сè до правосилна пресуда.

