Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За кавадаречките екскурзијанти и македонските работи

СОЊА КРАМАРСКА

Дали ви значат нешто зборовите „Ki šant la ba“? На франкофоните ќе им значат бидејќи „Ki šant la ba“ е француски превод на филмот „Ко то тамо пева“ на кого се потсетивме вчера кога го видовме видеото како кавадаречките средношколци туркаат автобус во Франција со кој ги возеле на екскурзија. Имаше еднаш еден филм во југословенска продукција со наслов „Ко то тамо пева“. Трагикомедија која ја води приказната низ едно предвоено социјално милје во стара Србија со низа комични ситуации во кои маестрално се вклопи и еден погреб за на крај приказната да заврши со претсмртно оро на ливада со трагично финале – германското бомбардирање на Белград во кое загинуваат сите протагонисти освен еден весел хармоникаш кому ете на крај судбината му се насмевна.

Таков е и нашиот кавадаречки автобус 82 години подоцна што средношколците екскурзијанти го туркаа да запали во Франција. Среќа наша а несреќа нивна што автобусот не останал дефект на Шанзелизе. Македонија дополнително ќе се засрамеше во центарот на светската мода, ама па ако таму се случеше дефектот улицата е надолница па ќе можел шоферот само да го пушти во лер и сам ќе запалел. Како Македонија што се движи по надолница во лер, почетна станица Скопје, средна Софија а крајна Брисел. Одозгора надгледувана од американскиот сателит НАША кој директно е поврзан со Белата куќа а преку неа и со Русија кога се случува она повремено воспоставување на врска меѓу Вашингтон и Москва.

Наша среќа што врз кавадаречкиот автобус нема да падне окупаторска бомба. А и што (не се)запалил (по пат). И што омилениот на сите кавадаречки градоначалник апелирал на поголема контрола на автобусите на туристичките агенции и превозниците. Нема да им поднесе кривична пријава, обвинителството ќе си молчи оти не го допрел гласот за можната трагедија, а средношколците екскурзијанти ќе имаат уште една авантура за раскажување кога ќе се вратат дома. Сепак поминале подобро од несреќните основци во белградски „Рибникар“. Не затоа што Македонија не е на прво место во Европа според лиценцирани автобуси убијци на патиштата како што е Србија според оружјето во приватни колекции, туку затоа што младите кавадарчани имале среќа.

А замислете како што во Србија се одвива акција за заплена на домашните арсенали оружје после трагедијата во училиштето, во Македонија да се запленат сите расипани автобуси? Па и нашиот премиер како Вучиќ да брои денес запленивме 20 расипани автобуси, по три дена да каже уште 20, па на крајот на неделата да изброи 100 запленети автобуси. Ама не може, бидејќи тој брои секој ден пратеници што ќе гласаат за уставни измени. Но како што одат работите ниту ќе изброи 80 пратеници за уставни измени, ниту ќе изброи 80 запленети автобуси.

Сепак не е се така црно. Автобусите во секое време има кој да ги поттурне, за разлика од државата. Во нашата држава секогаш било полесно да се турне владата отколку да се поттурне државата.

И кој тоа таму пее дека нашата крајна дестинација е Белград кога е тоа Брисел. Само што автобусот со кој возиме во тој правец е стар и дотраен, возачот и неговиот татко си поигруваат со патниците а во моментов тече секвенцата кога синот вози со врзани очи. За да покаже колку е способен.

(НоваТВ)

Најново