Американскиот пратеник Кристофер Хил: САД во 1998 година немале доказ дека Тачи бил лидер на ОВК

На судењето во Хаг против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, обвинет за воени злосторства во Косово и Албанија во периодот 1998–1999 година, денес беа презентирани дипломатски депеши кои укажуваат дека американските власти уште во есента 1998 година располагале со информации дека Тачи бил на чело на Главниот штаб на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Сепак, сведокот на одбраната, Кристофер Хил, кој тогаш бил американски специјален пратеник за Косово, не се согласи со тие наводи. Тој изјави дека ОВК во тоа време не била организирана војска со централизирана команда, ниту пак дека знаел за постоење на Главен штаб.

„Јас не ја гледав ОВК како добро организирана воена структура. Моите соговорници во организацијата сакаа да се прикажат како дисциплинирана војска за да испратат порака до САД – ‘Ако сакате сојузници против Србите, ние сме тие’“, изјави Хил.

Во судницата беа прочитани делови од депешата на американскиот дипломат Шон Бернс, од 3 ноември 1998 година, во која се наведува дека Главниот штаб на ОВК има „шест оддели“, а дека Тачи е на чело на политичкото одделение, што Бернс го означил како „синоним за раководството на ОВК“. Хил се спротивстави на таквата проценка, велејќи дека Тачи го гледал повеќе како „политички претставник“ или „министер за надворешни работи“ на организацијата, но не и како воен водач.

Во друга депеша од декември 1998 година, Бернс забележал дека воените команданти на ОВК се однесувале кон Тачи како кон свој надреден. Хил, пак, сведочеше дека девет месеци на терен се обидувал да најде личност која ќе говори во име на ОВК за преговорите со српската страна, но без успех.

Преговорите од Рамбује и погрешните проценки

Судот ги потсети присутните и на депеша од февруари 1999 година, во која Тачи „гарантира“ дека ОВК ќе го спроведе договорот од Рамбује, тврдејќи дека има овластување за тоа. На прашање за тогашните проценки, Хил рече дека некои високи американски функционери во март 1999 година верувале дека бомбардирањето на Србија ќе трае само два дена, по што ќе следи прифаќање на договорот од страна на Слободан Милошевиќ — став што тој лично не го делел.

Хил изјави дека целта на потпишувањето на договорот од страна на албанската делегација, и покрај отсуството на српската, била да се испрати порака дека „Албанците се подготвени за решение, а Милошевиќ не е“. Некои европски земји, особено Италија, биле скептични кон таквиот пристап, сметајќи дека согласноста на Албанците е формална и дека зад неа стои американска стратегија за создавање независно Косово.

Продолжува судењето во Хаг

Со денешното сведочење на Кристофер Хил, одбраната на Тачи го заврши петтиот сведок, а наскоро ќе биде повикан и шестиот.

Според обвинението во десет точки, Тачи (56), заедно со поранешните функционери на ОВК – Кадри Весели (57), Реџеп Сељими (53) и Јакуп Красниќи (74) – се товари за:

  • прогон по политичка и етничка основа,
  • незаконски притвори и апсења,
  • нечовечко постапување,
  • присилен исчез,
  • тортура и убиства.

Во обвинението стои дека припадници на ОВК извршиле злосторства врз околу 407 притворени лица, од кои најмалку 102 се убиени, во периодот од март 1998 до септември 1999 година. Меѓу 75 идентификувани жртви има 51 Србин, 23 Албанци и една Ромка.

Сите обвинети се изјаснија дека не се виновни. Судскиот процес започна на 3 април 2023 година, а обвинителството го заврши доказниот процес оваа пролет по сослушување на 125 сведоци и внесување на повеќе од 3.000 документи.

Специјализираните совети за Косово, основани во 2015 година под притисок на меѓународната заедница по извештајот на Дик Марти за злосторствата на ОВК, формално се дел од косовскиот правосуден систем, но работат во Хаг. Судот во повеќе наврати утврдил дека во Косово сè уште постои клима на заплашување и притисок врз сведоци, особено против оние кои сведочат против поранешни припадници на ОВК.

Зачлени се на нашиот е-билтен