Група пратеници од редовите на CDU/CSU во Бундестагот покрена иницијатива за укинување на мини-работните места во секторите каде што, според нив, тие го потиснуваат редовното вработување. Мини-џобот првично беше замислен како едноставна и небирократска опција за помош во домаќинството, за студенти и за пензионери, но критичарите тврдат дека со текот на времето се претворил во „паралелен свет на трудот“.
Според образложението, мини-работното место многу често станува долгорочна замена за полно работно време, без целосни придонеси и без целосно социјално осигурување. „Кој цел живот работи мини-работа, на крајот останува без ништо во староста“, предупредуваат предлагачите, оценувајќи дека моделот има „грешка во дизајнот“. Затоа бараат укинување на мини-работното место таму каде што го заменува редовното работно место и спречување на неговата употреба како де факто трајно вработување.
Критиките се однесуваат и на системот на придонеси и даноци. Работникот со мини-џоб до лимитот од 556 евра месечно речиси и да не плаќа придонеси или данок, што, според CDU/CSU, значи дека товарот за здравствено, пензиско и осигурување од невработеност паѓа врз остатокот од општеството. Послодавците, пак, имаат пониски трошоци за труд, а државата – поголеми расходи за основна социјална поддршка.
Иако околу пет милиони луѓе во Германија имаат мини-џоб, не се сите нископлатени; за многумина ова е легален начин да го дополнат приходот. Сепак, во малопродажбата, угостителството и секторот за чистење, овој модел стана структурно важен – огромен број работници зависат од него за да го стабилизираат семејниот буџет. Затоа дебатата е чувствителна: секое кратење би можело да ги погоди и работниците и работодавачите кои сметаат на флексибилните работни часови.
Политичките шанси за успех засега се нејасни: иницијативата не е дел од коалицискиот договор и доаѓа од група од 62 пратеници внатре во CDU/CSU (од вкупно 208).
За нашите граѓани во Германија – и за оние што планираат да заминат – пораката е јасна: внимателно следете го развојот, особено ако користите мини-џоб како втора работа. Секоја можна промена во оданочувањето или статусот би можела да влијае врз нето-приходот, правата од социјалното осигурување и можностите да се комбинира со полно работно време.

