Поплави на границата меѓу Италија и Словенија, има исчезнати – цели места под вода

Обилните дождови што преку ноќ ја погодија италијанската регија Фриули доведоа до катастрофални последици.

Во местото Брачан, во општина Крмин, веднаш до словенечката граница, одрон срушил трикатна зграда. Спасувачките екипи успеале од урнатините да извлечат една личност, додека по уште две сè уште се трага, пренесува 24ur.com.

Потрага под урнатини и опасност од нови одрони

На местото веднаш биле испратени бројни спасувачки екипи и хеликоптер. Извлечената личност имала скршена нога и е пренесена во болницата во Удине.

Поради ризик од нови одрони, властите евакуирале повеќе семејства од улицата Via San Giorgio. Градоначалникот на Крмин, Роберто Фелкаро, ја потврдил сериозноста на состојбата:
„Синоќа падна огромно количество дожд. За жал, неколку лица се водат како исчезнати.“

Реки се излеале, села под вода

Екстремната количина врнежи – само во Крмин за шест часа паднале 152 милиметра дожд – предизвикала излевање на реките.

Реката Идрија го пробила коритoто и предизвикала големи поплави, додека реката Тер го поплавила селото Верса во близина на Вилеша. Поради тешката состојба на терен, мобилизирани се и спасувачи од соседната Венеција.

Драматично спасување од покривите

Ситуацијата во Верса е особено драматична. Многу жители се качиле на покривите на своите домови, каде што чекаат евакуација. Пожарникарите интервенираат со мали чамци и хеликоптер за да ги достигнат загрозените луѓе.

Снимките од воздух ги откриваат размерите на уништувањето. Пристапот до погодените места е ограничен, а многу патишта и мостови се затворени за сообраќај.

Зачлени се на нашиот е-билтен