Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) денеска на седница донесе одлука за корекција на цените на дел од горивата.
Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,23 отсто.
Тоа значи дека беензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за еден денар по литар, а цената на дизелот се зголемува за половина денар.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 е 75,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 77,5, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 72,5 денари за литар. Малопродажната цена, пак, на Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) не се менува и останува 69,5 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,806 денари за килограм се намалува малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 35,621 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 3,628 отсто и кај дизелот за 1,766 проценти, додека кај екстра лесното масло има намалување за 0,022, а кај мазутот за 2,563 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,5545 отсто.

