Етиопија во понеделникот потврди три смртни случаи од хеморагичниот вирус Марбург, детектиран во област што се граничи со Јужен Судан. Министерството за здравство објави дека во јужниот дел од земјата, во регионот Омо, биле спроведени тестирања кај 17 сомнителни случаи, откако владата во петокот прогласи избувнување на вирусот.
Министерката за здравство Мекдес Даба изјави дека во моментов нема активни случаи на овој еболоподобен вирус, но властите преземаат превентивни мерки за да се спречи негово понатамошно ширење.
Тимови од Светската здравствена организација (СЗО) и Африканскиот центар за контрола и превенција на болести (Africa CDC) се распоредени на терен со цел да помогнат во тестирањето и контролата на избувнувањето.
Министерството за здравство на Јужен Судан во неделата издаде јавно предупредување до жителите на четири окрузи, повикувајќи ги да ги мијат рацете почесто и да избегнуваат контакт со телесни течности, со цел да се намали ризикот од пренос на вирусот.
Директорот на Africa CDC, Жан Касеја, минатата недела предупреди дека ситуацијата е загрижувачка, бидејќи Јужен Судан има „кревок здравствен систем“.
Како и еболата, вирусот Марбург потекнува од овошни лилјаци и се пренесува меѓу луѓето преку близок контакт со телесните течности на заразени лица или преку контаминирани површини, вклучително и со валкана постелнина.
Без соодветен третман, Марбург е фатален за до 88 проценти од заразените.
Симптомите вклучуваат треска, болки во мускулите, дијареја, повраќање, а во потешки случаи – смртоносно крварење. Во моментов нема одобрена вакцина или специфичен третман против Марбург.
Иако ретки, избувнувањата на вирусот Марбург се исклучително сериозни. Според СЗО, случаи или епидемии на Марбург досега биле регистрирани во Руанда, Танзанија, Екваторијална Гвинеја, Ангола, Конго, Кенија, Јужна Африка, Уганда и Гана.

