Собраниската Комисија за финансирање и буџет, попладнево, по три дена расправа, го заврши општиот претрес по Предлог-буџетот за 2026 година. Расправата по поднесените над 100 амандмани ќе продолжи утре, по завршување на закажаната пленарна седница, најави заменик претседателката на Комисијата Јованка Тренчевска.
Опозицијата и на третиот ден од расправата за Предлог буџетот за 2026 настапи со аргументи дека предложениот буџетот не се темели на реални проекции, туку на оптимистички и се користи за купување на социјален мир, и дека владата нема план за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Опозициските пратеници сметаат дека предложениот буџет е неразвоен и дека нема да го подобри стандардот на граѓаните и услугите од државата. Според нив со ваков буџет може да се зголеми само јавниот долг.
Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски смета дека предложениот буџет не е фискално одржлив и развоен и оти не обезбедува соодветна фискална консолидација.
„Ова е потрошувачки и социјален буџет за купување социјален мир бидејќи 91 проценти од расходите се за трошоци што не генерираат раст. Социјален е, а не развоен, затоа што социјалните трансфери и субвенции надминуваат 130 милијарди денари, за 30 проценти повеќе од сите расходи, што ја открива политиката на одржување статус кво, рече Ковачевски.
Тој посочи дека Владата проектира 214,1 милијарди денари даночни приоходи, за 6 проценти повеќе од годинава, истакнувајќи дека „значаен дел од тие средства наместо за инфраструктурни проекти ќе одат за покривање на тековните расходи“.
Според Ковачевски проектираните капитални инвестиции на износ од 40,5 милијарди денари се намалени за седум милијарда денари во однос на нивниот износ со последниот ребаланс.
„Превладува инвестирањето во проектите на „Бехтел и Енка“ и на Коридорт 8 кон Бугарија кои од критикувани станаа двигатели на развој. Проектите во здравството и брзата пруга на Коридорт 10 се буџетирани со ниски средства што значи дека не се планира сериозно инвестирање’, рече Ковачевски.
Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи пак од говорницата на Комисијата за финансирање и буџет ја праша власта, за какви развојни проекти зборува кога, кога во Извештајот на Европската комисија е укажано дека капиталните расходи се 46 проценти во средина на ноември.
„Тагувам кога ќе видам ваков буџет и кога 7 проценти раст на платите го кажувате како револуционерно, а е поради усогласувањето со минималната плата“, рече Битиќи.
За пратениците од владејачкото мнозинство предложениот буџет е реален и развоен. Според нив, со реализацијата на ваквиот буџет, ќе се реализираат потребите и барањата на граѓаните бидејќи се обезбедуваат повеќе средства за повисоки плати, пензии, нови училишта, градинки, развивање на инфраструктурата, дигитализацијата, капиталните инвестиции. Пратеникот од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски рече дека дефинираниот раст од 3,8 проценти е реален, и дека власта има силна реализација на тековните проекти и на приходите. Инфлацијата е проектирана на 2,5 проценти
„Предлог буџетот е реален со силно изразена развојна компонента, ја изразува волјата на извршната власт за стабилизација и основа за развој, со непотребни трошоци сведени на нула. Сведоци сме на мерки и активности кои веќе покажаа резултати, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски.
Тој дополни дека Фискалниот совет за Предлог-буџет првпат укажал дека има први знаци и чекори на фискална консолидација, како и дека и Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка ги ревидираа на повисоко процентите за раст.
За Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, во прилог на состојбите во економијата оди есенската економска прогноза за 2025 година на Европската комисија, каде, како што рече, меѓу другото е наведено дека бруто инвестиции ќе бидат главен поттикнувач на растот, како и дека јавните работи на кородорите почнале во 2025, но и дека приватните ивестиции имаат корист од подобрувањето на амбиентот и кредитирањето од Унгарија и кредитните линии од ЕИБ.
Вкупните приходи во Предлог-буџетот за следната година се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.

