DW: Гасна гангрена се шири на фронтот – смртта речиси неизбежна за повредените украински војници

Русија
EPA/SERGEY KOZLOV

Меѓу украинските војници на првите линии на фронтот наводно се појавува опасна форма на инфекција – гасна гангрена, болест позната од времето на Првата светска војна. Причината е долговременото блокирање на фронтот и невозможноста рано повредените да бидат евакуирани на безбедно место, пренесува „Дојче веле“.

Поради интензивните руски напади со дронови, медицинските екипи често не можат навреме да стигнат до повредените. Многу војници, како што наведуваат извори за британскиот „Телеграф“, со недели остануваат во подземни стабилизациски простории без соодветна хируршка интервенција – услови што се идеални за ширење на инфекцијата.

Доброволниот болничар Алекс, кој работи во областа околу Запорожје, сведочи дека во болниците пристигнуваат војници со долго незбринати рани.

„Во учебниците се спомнува гасната гангрена, но тука ја гледаме во реалност затоа што раните остануваат без третман предолго“, вели тој.

Иако независна потврда за бројот на случаи засега нема, несомнено е дека логистичките линии се прекинати, резервите до фронтот стигнуваат со големи доцнења, а нови војници мора да пешачат километри за да стигнат до местата каде што повредените чекаат помош.

Што е гасна гангрена?

Оваа тешка токсична инфекција го уништува мускулното ткиво со голема брзина. Ја предизвикуваат бактерии од родот Clostridium, кои природно се наоѓаат во земјата и во човечкото црево. Во нормални услови не се опасни, но стануваат смртоносни кога ќе навлезат во ткиво со недостаток на кислород – како кај длабоки рани и некротично ткиво.

Инфекцијата се шири брзо во услови што владеат на фронтот: многу повреди, недостаток на хигиена и одложена медицинска интервенција.

Под кожата се создаваат меурчиња полни со гас, кои можат да се почувствуваат и да „крупкаат“ при допир. Ткивото потоа се обојува во сиво-црвено, отекува, а инфекцијата води кон сепса, забрзан пулс, нарушено дишење и на крај – отказ на органите. Без третман, речиси сите пациенти умираат.

Како се лечи?

Гасната гангрена бара итно хируршко отстранување на заразеното ткиво и интензивна терапија со силни интравенски антибиотици. Потребни се лабораториски тестови за да се утврди кои антибиотици делуваат, особено поради можната резистенција.

Таквата процедура е невозможна во полеви услови или импровизирани засолништа – потребни се опремени болници, операциони сали и сопствени лаборатории. Ако бактериите се отпорни на достапните лекови, во полеви услови нема алтернатива.

Болест што ја знае историјата

Гасната гангрена беше една од најстрашните инфекции во рововите на Првата светска војна. Над 100.000 германски војници тогаш починале од оваа болест, бидејќи долго лежеле во калливи ровови без хигиена и без медицинска помош.

Во Втората светска војна бројот на случаи значително се намалил благодарение на пошироката употреба на антибиотици. Денес болеста е исклучително ретка во Европа – сѐ до условите што ги создаде војната во Украина.

Сегашните извештаи служат како потсетник дека, и покрај медицинскиот напредок, недостигот од навремена заштита и здравствена грижа може повторно да го врати најлошото од минатото.

Зачлени се на нашиот е-билтен