Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски: Ни претстојат тешки и храбри одлуки на зацртаниот пат кон ЕУ, на кој ја имаме поддршката на САД

САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во сите нејзини аспирации, а особено кон пристапувањето во ЕУ. Тоа е комплементарно на нашето стратешко партнерство и меѓусебната поддршка која си ја даваме низ веќе долг и значаен период од првиот ден од нашето осамостојување, изјави премиерот Димитар Ковачевски по средбата во Владата со сенаторот Крис Марфи, член на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат.

Тој додаде дека ова е втора негова средба со сенаторот Марфи, по средбата од пред неполни три недели во Вашингтон, за време на неговата посета на САД, што говори за силната посветеност на сенаторот кон регионот и за неговата лична и континуирана поддршка на Северна Македонија.

– Несомнено е дека ни претстои пат со тешки и храбри одлуки и она што со задоволство можам да го кажам е дека на тој пат имаме силна поддршка од Соединетите Американски Држави и од нивните високи претставници. Секое пријателство кое нѐ уверува дека сме на вистинскиот пат е од исклучителна важност за нас како држава, подвлече Ковачевски.

Додаде дека одлуката што е пред нас, не е одлука на еден човек, една влада или една политичка партија, туку на сите политички актери во државата.

– Ние мора да обезбедиме на нашите граѓани да живеат во држава членка на ЕУ. Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка и од Чешка, Романија, Полска, Бугарија и од сите други земји кои станаа земји членки на ЕУ. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки кои ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓаните од кои што порано сме имале поголем стандард бидејќи тоа нашите граѓани го заслужуваат. На тој пат сметам и на поддршката на нашите стратешки партнери, пред се САД и земјите членки на ЕУ, подвлече Ковачевски. 

Нагласи дека благодарение на поддршката од искрените пријатели како САД денес Северна Македонија, по три декади од својата независност, од земја корисник на меѓународни мировни мисии, стана земја фактор на стабилност на Западен Балкан, земја членка на НАТО, претседавач со ОБСЕ, земја со отпочнати преговори со ЕУ, земја во која се депонирани договорите потпишани во рамки на Берлинскиот процес и земја која е домаќин на преговори меѓу други држави.

– САД и Северна Македонија го докажуваат поимот партнерство на дело. Реформските процеси кои и се случуваат на нашата земја изминативе 30 години се со најсилна поддршка од нашите американски пријатели кои силно се залагаат за демократизација на нашето општество, оцени премиерот.

Три декади поддршка на систем за добро владеење, борба против корупцијата и поддршка на демократските процеси во земјата вклучително и зајакнување и унапредување на економскиот развој на државата, нагласи Ковачевски, заедно со голем труд кој како земја го вложуваме во демократизацијата, даваат резултати.

– Имаме наше високо позиционирање на демократскиот напредок на прво место во однос на другите земји од Западен Балкан според мерењата на Freedom House. Според мерењата на Reporters without borders од 118-то место во светот во 2016, стигнавме на 38-мото место во светот по слободата не медиумите, а само во мојот мандат се качивме погоре на листата за 19 места за 1 година, потенцира Ковачевски.

Силното партнерство, подвлече, се гледа и во екомонијата при што трговската размена со САД лани изнесувала четврт милијарда долари.

-Во моментов имаме 12 големи американски компании кои доаѓаат и од САД меѓутоа и од Канада, од северноамериканскиот континент. Повеќето компании се од автомобилската индустрија, но дел влегуваат и во енергетикатата и електрониката. Тука ги имаме Леар, Дура, Адиент, но морам да ги посочам и Бехтел и Енка кои ќе работат на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава, исто така морам да го споменам Јагео еден од најголемите светски производители на чипови, односно Кемет со кого работат во парнтерство како најскоро позната инвестиција кои ќе придонесат сериозно за раст и развој на македонската економија и нешто што беше незамисливо до пред извесно време денес станува реалност, односно во нашата држава ќе се произведуваат компјутерски чипови за автомобилска, авионската и медицинската индустрија, кажа премиерот.

Заблагодарувајќи се на Сенаторот за неговата поддршка и доверба кон Владата, ја потврди одлучноста да продолжиме на зацртаниот пат кон европската интеграција и развој. 

Зачлени се на нашиот е-билтен