Патничкиот хаос во Индија дополнително се влоши откако најголемата авиокомпанија во земјата, IndiGo, откажа стотици летови, продолжувајќи ја тридневната дестабилизација во својата мрежа.
Илјадници патници останаа заглавени низ целата земја во разгорената туристичка сезона, а откажани се и сите летови на IndiGo од главниот град Делхи. Проблемот произлегува од недостиг на пилоти со кој се соочила компанијата, откако не успеала да се приспособи на новите правила за распореди на летачкиот состав, пренесува BBC.
Реакции на властите и регулаторот
Индиската влада соопшти дека внимателно ја следи состојбата, а сојузниот министер за авијација изрази „јасно незадоволство“ од начинот на кој авиокомпанијата ја менаџира кризата.
Во посебно соопштение, индискиот авио-регулатор наведе дека нарушувањата главно биле предизвикани од „погрешни процени и пропусти во планирањето“ за време на имплементацијата на новите правила за ограничување на работното време на летачката посада. Регулаторот му наложи на IndiGo веднаш да достави детален план за вработување на пилоти, обука, реструктурирање на распоредите и други мерки за ублажување на последиците.
IndiGo бара исклучок, пилотите предупредуваат на безбедноста
Од IndiGo, кој држи 60% од пазарниот удел и извршува повеќе од 2000 летови дневно, соопштија дека очекуваат операциите целосно да се нормализираат дури до 10 февруари. Компанијата побара привремено исклучок од новите правила кои бараат повеќе часови одмор и ограничуваат ноќни смени. Исто така, тие најавија дека од 8 декември ќе го намалат бројот на летови за да се избегнат дополнителни пореметувања.
Меѓутоа, Здружението на пилоти на Индија жестоко го критикуваше можниот исклучок, наведувајќи дека таквиот потег би го поткопал духот на новите прописи и „сериозно“ би ја загрозил безбедноста на патниците. Новите правила предвидуваат повеќе време за одмор на пилотите, а една од клучните промени е дека тие неделно смеат да извршат најмногу две ноќни слетувања, наместо претходните шест.
Огoрчени патници на аеродромите
Многу патници на социјалните мрежи изразија незадоволство поради недостаток на навремени информации и поради тоа што биле оставени на аеродромите без храна.
Меѓу заглавените патници се најде и висок комесар на Сингапур во Индија, Сајмон Вонг, кој изјави дека е „останат без зборови“ и дека поради откажаниот лет морал да пропушти свадба на негов член на персоналот. Главните аеродроми во Делхи, Мумбај и други градови издадоа предупредувања патниците задолжително да го проверат статусот на своите летови пред да пристигнат на аеродром.

