Народната банка ќе обезбеди превоз за пензионерите и примателите на социјална помош од Ресен, Прилеп и Охрид до филијалата на Алта банка во Битола, за да ги подигнат средствата. Автобусите се најавени за утре, 7 ноември, соопшти гувернерот Трајко Славески на прес-конференција.
Според него, организирањето превоз е логистички поедноставно отколку носењето готовина во филијалите во трите града.
Битолската филијала ќе работи и во сабота. Славески наведе дека на 6 ноември биле услужени 660 граѓани и појаснил дека пензиите веќе биле исплатени, но дел од пензионерите сè уште не ги подигнале.
Од 9 ноември се најавува отворање шалтери во Тетово и Струмица, каде што клиентите ќе можат да подигнат до 20.000 денари.
Неделниот лимит за плаќање со картичка треба да се зголеми од 10.000 на 15.000 денари. Идните приливи од пензии, плати и социјални трансфери од институции и фирми со сметки во други банки ќе можат целосно да се повлекуваат, според најавата на гувернерот.

